1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани

СН/АТ25 декември 2012

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во денешното соопштение изрази надеж дека вчерашните случувања во и пред парламентот никогаш нема да се повторат.

https://p.dw.com/p/178pH
Фотографија: MAKFAX

„ Со голема загриженост ги следев вчерашните случувања во и пред Собранието на Република Македонија. Жалам за немилите сцени и искрено се надевам дека тоа што вчера го видовме нема никогаш да се повтори.

Вчера се случи она на што предупредив во моето годишно обраќање. Очигледно моите апели не беа послушани. Уште еднаш ќе повторам. Не може целото општество, да биде заложник на неодговорно однесување“, истакнува македонскиот претседател во соопштението до јавноста, објавено од страна на неговиот кабинет. Според Иванов, кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси.

„Во демократијата може да постојат политички пријатели и политички непријатели, но политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани. Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми. Но, решенијата мора да се наоѓаат во институциите на државата од страна на оние избрани за тоа“, стои во соопштението на Иванов. Македонскиот претседател уште истакнува дека е недозволиво во третата деценија од македонската независност да се сведочи за насилство насочено кон и во демократските институции и уставниот поредок.

Proteste in Skopje Mazedonien
Фотографија: MIA

Иванов изразува особено жалење и за немилите сцени со претставниците на медиумите.

„Секој во оваа држава има должност да го почитува поредокот, уставот и законите и никој во оваа држава не смее да биде попречуван да си ги врши професионалните обврски, било да се тоа претставници на медиумите, народни избраници, овластени службени лица“, порача македонскиот претседател.

Тој натаму истакнува дека земјата ја очекува многу работа и на домашен план и на планот на евроатлантската интеграција и оти граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Согласно тоа според Иванов, сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните.

„Сум кажал и пак ќе повторам. Ако некој мисли дека со злоупотреби и манипулации може да ги подели и раскара граѓаните, очигледно не знае за каков мудар и умерен народ станува збор“, порача македонскиот претседател во денешното соопштение до јавноста посветено на вчерашните случувања во и пред македонскиот парламент.