1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Келер е оптимист околу македонската интеграција во ЕУ

14 септември 2009

Прва официјална посета на Германија на македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Политичките разговори со германскиот колега, Хорст Келер - фокусирани на односите меѓу двете земји и патот на Македонија кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/JekP
Ѓорге Иванов и Хорст Келер во БерлинФотографија: Dragan Todorovski

Со запишување во книгата на гости и сите воени почести, утринава во резиденцијата “Белви” на сојузниот германски претседател Хорст Келер започна првата официјална посета на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

„Навистина имавме многу содржајна средба со германскиот претседател. Беа отворени сите прашања од заемен интерес. Германија е најголемиот и трговски партнер и поддржувач на Македонија во ЕУ. Претседателот Келер покажа дека е многу добро информиран за сите состојби во земјата и регионот и покажа голем оптимизам за добивањето позитивен извештај и датум за почеток на преговорите со Унијата“, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов за политичките разговори со својот германски колега и домаќин Хорст Келер.

Речиси полн час двајцата државници разменија мислења за сите актуелни прашања, меѓу кои и неодминливото: спорот околу името меѓу Македонија и Грција.

Gjorge Ivanov Präsident Mazedonien zu Besuch in Berlin
Разговори речиси полн часФотографија: DW

„Стана збор и за тоа прашање. Навистина, Претседателот покажа зачуденост како може едно такво прашање да биде на агенда и како може да се разговара за такви прашања кога ни‘ престојат многу други работи и во периодот на глобална криза и на периодот кој доаѓа и е предизвик и за самата Европска унија. Беше искрен и кажа дека има работи за кои ние од вас може да учиме: како сте ја постигнале таа етничка хомогеност, религиозна толерантност и како законот за верските заедници може да биде пример за многу европскио земји. Тој искажа пофалба за она што е наша специфичност и со што можеме на некој начин да придонесеме во едни турбулентни времиња”, подвлече Иванов.

За тоа дали ова значи дека Германија ќе лобира за Македонија исто како што прави и за Хрватска, Иванов со објаснувањето: „Да, тоа на некој начин можеше да се почувствува од разговорот, бидејки Претседателот покажа голема информираност за сите работи во Македонија и она што земјата го има како потешкотија."

На потпрашањето - дали е добиено ветување во овој контекст, претседателот Иванов со коментарот: „Тој кажа дека секогаш Германија е таа што стои на македонска страна, исто како што ги поддржува и другите кандидати, но и земји од ЕУ.”

Келер барал да му биде потврдена македонската посветеност на решавање на спорот за името

Дали Германија е на македонска страна и во во спорот со Грција, е прашање на кое Иванов дава претпазлив одговор: „Така не може конкретно да кажеме. Меѓутоа, тој покажа голем интерес за она што ние го правиме во овој момент, она што се одвива во рамките на ОН и колку ние како земја сме вклучени и посветени на тој процес. Тој ги знае тие состојби. Сакаше, меѓутоа, уште еднаш да му биде потврдена нашата посветеност дека бараме решение!“

Gjorge Ivanov Präsident Mazedonien zu Besuch in Berlin
Фотографија: DW

Според вообичаената практика, германскиот претседател по вакви официјални разговори не даде изјава, но преходно неформално поразговара со група ученици кои присуствуваа на свечената церемонија и поздравот на воените единици, кажувајќи дека македонскиот претседател е тука со него, прашувајќи ги дали чуле за Македонија и забележувајќи: „Македонија е прекрасна земја.”

По разговорот со Келер, претседателот Иванов го посети Архивот на тајната служба на поранешната германска демократска република „Штази“, а вечерва ќе говори за патот на Македонија кон ЕУ пред претставниците на фондацијата „Конрад Аденауер“.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема