Зошто Јапонците не бегаат?
17 март 2011Сопругот на Акијо Јамамото секој ден оди на работа во патики, зашто не знае колку ќе мора да пешачи до наредната станица на која се‘ уште застануваат возови. 35-годишната Јамамото вели дека тој стравува оти може да ја загуби работата доколку не се појави на работа. Нејзиното семејство живее во близина на Токио. Исто како нејзиниот сопруг, голем број Јапонци се обидуваат секој ден одново да го зачуваат секојдневниот живот, и покрај постојаните застрашувачки вести.
Акијо Јамамото раскажува дека во продавниците речиси нема јајца, ориз, леб и млеко, а често нема ниту пелени за деца. „Не се знае кога ќе дојде следната пратка, па се‘ се купува веднаш“, објаснува таа. Загрижени се сите и се обидуваат да се снабдат со храна и свежа вода:
„Досега немам купено трајни прехранбени намирници, но мислам дека треба да се снабдам со тестенини и слично.“
„Не излегувам ако не морам“
Бензинот е кнап, а возовите често не возат зашто мора да се штеди струја. Но, она што најмногу ги кине нервите е атомската закана. „Се плашам да излезам пред врата, но некогаш мора, за да купам храна и вода“, вели Јамамото. Нејзината сонародничка од градот Аизу-Вакаматсу, на околу 100 километри од атомската централа Фукушима, го вели истото:
„Во никој случај не излегувам ако не морам. Се обидувам да останам дома и да не го изложувам телото на надворешната атмосфера.“
Јамамото потекнува од Окинава и размислува да се врати во родното место. Бремена е и има петгодишен син. „Мора да мислам на децата“, вели таа. Нејзиниот сопруг останува во Токио за да работи. На бегство со својата осумгодишна ќерка размислува и Јахио Цубои од Јокохама, но вели дека е тешко да се замине зашто тука се пријателите, семејството, домот. Поради овие причини голем број луѓе во градовите како Токио не побегнале. Освен тоа, тука е чувството дека не смеат многу да се жалат, зашто на луѓето од регионот погоден од змејотресот и цунамито им е уште полошо.
„Јапонец никогаш не би ја напуштил земјата на овој начин“
Голема улога играат и гордоста, верноста и одговорноста кон фирмата, општеството, татковината. Млада Јапонка од татко Германец на Фејсбук претпоставува како се чувствувале вработените во фирмата на нејзиниот татко кога им најавил дека ќе замине од земјата: „Сега сакаш да ја оставиш Јапонија на цедило? Мислам дека така се чувствувале. Некој му рекол: ’Еден Јапонец никогаш не би ја напуштил земјата на овој начин’.“
Да се напушти Титаник што побрзо...
Други, пак, имаат помалку благородни мотиви. Жена од Осака, која сака да остане анонимна, смета: „Постои чувство дека сите се набљудуваат меѓусебно, во насока некој друг да не го напушти случајно Титаник побрзо...Медиумите велат дека Јапонците се дисциплинирани, дека остануваат мирни, но тие се екстремно љубоморни на оние што нашле пат за надвор.“ Самата таа прашала во фирмата дали може да биде преместена во претставништво во странство, на што дамата од персоналното одделение и‘ префрлила дека е егоист. А егоизмот во Јапонија е се‘, само не доблест.
Автор: ЕМФ/АТ/дпа/дв
Редактор: Симе Недевски