200509 Portrait San Suu Kyi
11 август 2009Аунг Сан Су Ќи, иконата на демократијата во Мјанмар, денеска беше прогласена за виновна на крајот од судскиот процес во озлогласениот затвор Инсеин, кој беше жестоко критикуван од меѓународната заедница. На Нобеловата лауратка и е одредена казна домашен притвор од нови 18 месеци. Таа беше обвинета дека ги прекршила правилата на домашниот притвор, во кој се наоѓаше од 2002 година наваму. Впрочем тринаесет од последниве деветнаесет години, опозициската политичарка во поранешна Бурма, ги мина в затвор или домашен притвор.
Инаку по објавувањето на пресудата, Сан Су Ќи стана и им се заблагодари на странските дипломати кои присуствуваа на процесот. Таа изјави „Се надевам дека сите ние ќе работиме за мир и просперитет на земјата.“
Пресудата на судот во затворот Инсеин веднаш предизвика бура жестоки реакции. Британскиот премиер Гордон Браун ја нарече пресудата монструозна, Амнести Интернешнл пак говори за срамен политички театар, шведското претседателство со ЕУ порача дека пресудата претставува прекршување на националните и на меѓународното право и побара од воената хунта во Мјанмар веднаш безусловно да ја ослободи Аунг Сан Су Ќи. Францускиот претседател Никола Саркози ја повика ЕУ да воведе нови санкции против властите во Мјанмар.
Набљудувачите очекуваа ваква одлука на судот, со оглед дека веруваат оти воената хунта сака по секоја цена да ја држи настрана Аунг Сан Су Ќи од изборите кои треба да се одржат наредната година.
Првпат во домашен притвор во 1989 година
Иако малата нежна жена изгледа кршливо, 63-годишната Сан Су Ќи веќе дваесет години непокорно му одолева на притисокот на војската во Мјанмар. Повеќе од тринаесет години затвор и домашен притвор не ја скршија нејзината решителност. Таа се бори за демократија во нејзината земја, за слобода и подобри животни услови за луѓето во поранешна Бурма, која во 1989 година воената хунта ја преименува во Мјанмар.
Таа е ќерка на Аунг Сан, бурманскиот народен херој кој ја ослободи земјата од британската колонијална власт и ја одведе до независност. Аунг Сан Су Ќи студираше во Оксфорд, омажена е за британски државјанин и има два сина. Во 1988 година се врати во Рангун за да се грижи за нејзината болна мајка. Тогаш во Мјанмар започна народното востание против воената власт, кое беше крваво задушено. Аунг Сан Су Ќи стана симбол на демократското движење и предводничка на опозицијата против генералите. Секогаш кога харизматичната политичарка говореше во јавноста, се собираа воодушевени маси луѓе. Во 1989 година таа за првпат беше ставена во домашен притвор.
Една година подоцна нејзината партија, Национална Лига за демократија победи на изборите со големо мнозинство, сепак војската не го призна исходот и ја задржа власта. Со уште поголема сила таа оттогаш го потиснува секој отпор. Аунг Сан Су Ќи и за време на домашниот притвор се залагаше за слобода и демократија и за тоа во 1991 година ја доби Нобеловата награда за мир: „Првиот чекор, кој е неопходен за земјата да се трансформира од тоталитарен систем во демократска држава е најтежок. Но кога овој чекор ќе биде направен, нашиот народ ќе го совлада сите предизвици на едно демократско општество“, говореше таа.
Сан Су Ќи можеше да замине во странство, секогаш кога режимот одвреме - навреме ја ослободуваше од домашниот притвор. Меѓутоа таа остануваше за и натаму да се бори за својот народ. Во едно од последните интервјуа таа истакна дека демократијата во Мјанмар мора да биде постигната на мирен начин.
Нобеловката може лесно да мобилизира големи делови од населението
Во 2002 година Сан Су Ќи последен пат беше ослободена од домашниот притвор. Меѓутоа нејзината слобода не траеше долго. На пат кон еден собир, конвојот на опозициската политичарка беше нападнат од групи насилници блиски до властите, при што загинаа седумдесет нејзини приврзаници. Наместо да ги уапсат напаѓачите, властите повторно ја ставија Аунг Сан Су Ќи во домашен притвор, со обвинение дека поттикнува јавни немири.
Оттогаш наваму таа веќе не беше пуштена на слобода, а сега дури се наоѓа и во озлогласениот затвор Инсеин. Воената хунта сака да ја отстрани Аунг Сан Су Ќи од патот пред најавените избори наредната година. Таа имено би можела лесно да мобилизира во полза на опозицијата големи делови од населението. „Не станува збор да тоа да се врши притисок врз хунтата, туку таа да се доведе на вистинскиот пат, за да се најде најдобрата влада за Мјанмар. Многу е важно да се разјасни дека ние сакаме да изградиме земја, во која сите можат да живеат среќно, и хунтата исто така“ , говореше Аунг Сан Су Ќи во едно од нејзините последни интервјуа.
Меѓутоа војската во Мјанмар, која нема респект ниту за најмоќните на овој свет - ОН и останатите меѓународни организации, живее во голем страв од оваа жена, на чии мали рамења почива судбината и надежта на целата нација.
Автор: Бернд Муш Боровска/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска