1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто стрмоглаво паѓа цената на златото?

Жанг Данхонг/ Симе Недевски17 април 2013

Не е злато се’ што сјае. Последните неколку дена сме во ситација да се увериме дека дури и златото може да го загуби својот сјај - односно вредност. Цената на златото е во слободен пад.

https://p.dw.com/p/18HM9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Требаше да се слуша легендарниот Џорџ Сорос. Уште во 2011 година тој рече дека цената на златото е премногу надуена, а неодамна додаде и дека златото веќе не е сигурно пристаниште за парите. Дали неговите предупредувања во некој дел го предизвикаа падот на цената на златото? Минатиот петок, цената падна за околу 5 проценти. По викендот, веднаш по отворањето на берзите, падот продолжи па цената за 31,3 грама злато, во понеделникот изнесуваше 1.356 долари. Пред шест месеци цената беше 1.800 долари.

„Тоа е најголем пад на цената на златото во последните 30 години. Вчера исчезнаа околу 770 милијарди долари“, вели аналитичарот Норман Рудшук и додава дека притоа голема улога одиграл „менталитетот на стадо“. Масовната продажба на злато можеле, на пример, да ја започнат т.н. стоп-лос налози, што значи дека златото се продава откако цената ќе премине одредена долна граница. Но и други фактори влијаеа за паниката на пазарот на злато, како, да речеме, падот на економскиот раст во Кина.

Во првиот квартал оваа година, кинеската економија порасна за 7,7 проценти во однос на истиот период минатата година. Се очекуваа меѓутоа осум проценти раст. „Кина е втор по големина потрошувач на злато и нафта во светот. Ако таму економијата запне, тоа веднаш се одразува и на цените, кои почнуваат да паѓаат“, објаснува Рудшук.

Има простор за раст

Како уште една причина за драстичниот пад на цената на златото, аналитичарот Рудшук ја наведува шпекулацијата околу резервите во злато на земјите во еврозоната. Така, во петокот, претседателот на Европската централна банка Марио Драги, најави оти Кипар би можел да продаде дел од своите резерви во злато за да го зголеми својот придонес во планираниот пакет за помош. Иако Кипар со своите 14 тона резерви во злато не е во позиција да влијае врз цената на златото, инвеститорите стравуваат дека Кипар би можел да биде само почеток на нова пракса во еврозоната.

Некои аналитичари исто така укажуваат оти инвеститорите очекуваат дека наскоро би можело да дојде крај на ултра-лабавата монетарна политика на САД, бидејќи економијата на таа земја неодамна се покажала силна. Златото повеќе не би било привлечно како заштита од инфлации и инвеститорите би се вратиле на акциите.

Иако постојат докази дека дошол крајот на „златната деценија“, Норман Рудшук смета оти цената на златото паднала премногу и очекува бавно закрепнување: „Веруваме дека централните банки кои сакаат да го купат златото, тука повторно треба да ја споменеме Кина, но и Русија, сега ќе ја искористат шансата и повторно ќе го купуваат по значително пониски цени. Со тоа тие истовремено ќе станат помалку зависни од доларот.“

Централните банки од западноевропските земји држат од 70 до 80 проценти од своите резерви во злато, во Кина тоа се само 2 проценти, во Русија 10 проценти. Тука има уште многу простор за повторен раст на цената на златото, истакнува Рудшук и предвидува дека цената на златото на крајот на годината ќе биде 1.700 до 1.800 долари.

Norman Rudschuck Nord LB
Норман РудшукФотографија: Nord LB