1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто скокаат цените на нафтата?

2 март 2011

Немирите во Либија не се одразуваат драстично врз снабдувањето со нафта и цените на нафтени производи во Европа, проценуваат политичарите и експертите. Но, сепак, цените продолжуваат да растат. На што се должи тој тренд?

https://p.dw.com/p/10RCP
Либиски извор на нафтаФотографија: AP

Европските возачи деновиве плаќаат значително повеќе за точење бензин, отколку пред неколку недели. Но тоа речиси и да нема поврзаност со состојбата во Либија, смета германскиот државен секретар за економија Јохан Хоман: „Знаете дека светската конјунктура e во подем, знаете како се развива курсот на еврото. Постојат различни причини, поради кои се зголеми цената на нафтата, (актуелните случувања во Либија се маргинални)“, вели Хоман и дополнува дека Либија не е толку голем снабдувач за да предизвика таква криза.

Нема опасност од тесни грла во Европа

Комесарот за енергетика при ЕУ Гинтер Етингер вели дека Европа е многу добро подготвена во случај на неиспорачување на либиската нафта: „Во однос на нафтата, имаме значителни резерви во рамките на ЕУ. Освен ова знаеме дека државите на ОПЕК и другите партнери како Русија се подготвени да спречат тесни грла на европскиот нафтен пазар. Мрежата на нафтоводите во ЕУ исто така е добро развиена.“

04.02.2011 DW-TV Journal Interview Günther Oettinger
Гинтер ЕтингерФотографија: DW-TV

Но што би се случило, ако цената на нафтата од кои да било причини натаму расте? Австрискиот министер за економија Рајнхолд Митерленер смета дека критичната точка наскоро ќе биде достигната: „Значаен развој ќе има, кога ќе се приближиме кон 130 до 150 долари за барел или повеќе од тоа. Тоа сигурно за економијата ќе претставува опасност од нова рецесија. Оттука станува збор пред се‘ за тоа колку што може побрзо да имаме јасна политичка слика во државите на Магреб.“

Се разбира тоа важи во прва линија за Либија, земја каде се црпи нафта. ЕУ изрично ја иззема нафтената индустрија од санкциите. Комесарот Етингер го правда овој чекор што опозицијата држи поголем дел од нафтените полиња во свои раце. „Тоа најверојатно би бил лош знак и казнување на погрешните, кога сега без конкретно да се земе предвид за кој регион станува збор се сопре увозот. Со тоа би се казниле и оние кои одамна се на подобар пат.“

Меѓутоа, без оглед на тоа колку брзо Либија и останатите земји повторно ќе се смират, и како ќе се однесуваат новите влади во арапските земји по прашањата за нафтената политика, немирите се чини ги потврдуваат долгорочните цели на Унијата по енергетските прашања, смета австрискиот министер за економија Митерленер: „Последните месеци покажаа дека е исправна диверзификацијата на изворите на снабдување и ориентацијата кон замена на некои видови енергија. Тоа со сигурност не е пат кој може да се изоди од денес до утре, но тоа е вистинскиот пат.“

Европа тешко напредува по овој пат, меѓутоа последното покачување на цените е нов будилник за Унијата, час поскоро да ја споведе својата енергетска политика.

Автор: Крисоф Хазелбах/ Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев