1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто се самоубиваат индиските селани

30 март 2010

Шеесет проценти од памукот, кој денес се продава ширум светот, потекнува од генетска лабораторија. Трговијата со памук е пред се‘ немилосрдна, при што малиот човек губи, а големите концерни заработуваат.

https://p.dw.com/p/MbrS
Берба на памуковите полињаФотографија: AP

Памукот е политика. Зад „белото злато“ се крие многу политика, тешко освоени пазари и сомнителни зделки, негодува индиската поборничка за заштита на животната средина и за правата на жената, Вандана Шива:

„Во Индија, 95 проценти од семето од памук се контролирани од Монсанто. Овој концерн продава само една отровна сорта памук, таканаречениот БТ-памук. Оваа сорта е генетски модифицирана, со некој отровен ген, кој наводно ги уништува штетниците. Но, тој пред се‘ ги ’убива’ фармерите. Тие не умираат од отровот, туку од долгови.“

Жешка тема-памук

Вандана Шива, која во 1993 година ја доби алтернативната Нобелова награда за нејзиниот ангажман за заштита на животната средина и за правата на жените, веднаш избувнува кога станува збор за памукот. Во меѓувреме, 60 проценти од светското производство потекнува од генетски модифицирани сорти, таканаречениот БТ-памук. Имено, во САД и во Австралија 90 проценти од севкупното производство потекнуваат од генетската лабораторија на хемискиот концерн Монсанто. Памукот првенствено потекнува од Индија, каде денес се‘ уште постојат повеќе од 1 500 сорти. Сите сорти памук ги откупува и патентира еден мултинационален концерн, критикува поборничката за заштита на животната средина Вандана Шива. „Повеќе од 200 000 индиски одгледувачи на памук извршија самоубиство, оти не можеа да најдат излез од замката на концерните, која им направила огромни долгови“, раскажува таа. Меѓународните трговци со памук енергично ги оспоруваат овие бројки.

„Овие цифри не се докажани. Затоа си дозволуваме сериозно да се сомневаме во нив. Секако дека има самоубиства поврзани со производството, со кредити и преголеми долгови. Но, тоа воопшто не е основано и ние имаме големи сомневања дека смртта кај толкав број земјоделци, настапила само поради употребата на пестициди.“

Bildgalerie Ursachen von Armut: Patente/Hunger
Илјадници земјоделци во Индија се на работ на егзистенцијаФотографија: picture alliance/dpa

Генетската технологија-една од стратегиите

Јан Велман е извршен директор на берзата за памук во Бремен, каде на секои две години се среќаваат глобалните играчи, разменуваат искуства и преговараат за стратегиите и развојните тенденции на пазарот. Според Јан Велман, сосема е јасно дека генетската технологија е една од стратегиите:

„Таа не се применува со цел да се направи контаминација или загадување. Тоа се прави за да биде потребна употреба на помалку пестициди, помало количество вода, и на тој начин да се искористат шансите за производство корисно за ресурите.“

Генетската технологија, најнапред е неспорна предност на пазарот за дистрибутерите на семиња, вели Бенедикт Хаелинг од фондацијата за земјоделство:

„Развојот на генетски модифицирани организми, пред се‘ се форсира поради тоа што има можност за патентирање.“

Тоа функционира беспрекорно со семињата создадени во лабораторија. Имено, од бербата повеќе не може да се добијат исти семиња, и така пазарот останува само во нивни раце.

Автор: Хеле Јепесен/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска