1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Пакистан е голем проблем за Вашингтон?

Ралф Сина5 декември 2008

САД се соочени со проблеми во Пакистан. Вложуваат многу пари во поддршка на тамошните власти кои очигледно малку помагаат за ефикасно справување со тероризмот. Немоќ, или неспособност на властите во Исламабад?

https://p.dw.com/p/G9i0
Барак ОбамаФотографија: AP

Пакистан е проблем кој треба да биде високо на агендата на новата американска администрација. Зошто? Земјата која поседува атомско оружје се наоѓа пред банкрот, а властите се под постојан притисок од домашните и странските исламисти кои извршуваат напади. Посебно проблематичен е делот кон границата со Авганистан, кој важи за прибежиште на Талибанците и Ал Каеда. Таму се подготвуваат напади врз американските сили и се врши обука на терористите.

Идниот американски Претседател, Барак Обама смета дека Пакистан не е само центар во кој Ал Каеда врши обука на терористи од цел свет, туку и доказ за неуспешната борба против тероризмот на владата на Џорџ Буш. Во последните седум години, американската администрација на властите во Исламабад им префрлила десет милијарди долари, нагласува Обама и додава: „Имавме две цели. Демократизација и совладување на Ал Каеда. Ниту една од нив не е постигната.“ 80% од парите од американската помош завршуваат во касата на пакистанската армија. Се купуваат борбени авиони и артилериско оружје, кои не се употребуваат во бробата против тероризмот, туку се стационираат на границата со Индија. Факт на кој реагираше Обама за време на изборната кампања: „На Пакистан му испраќаме воена помош, а тие со неа подготвуваат војна против Индија„ реагира Обама.

Osama bin Laden
Осама Бин ЛаденФотографија: AP

Обама има нова стратегија

Според Обама, најголемата опасност за Индија и САД доаѓа од пакистанската тајна служба, која ги поддржува терористите на Ал Каеда и талибанските борци во граничниот регион помеѓу Пакистан и Авганистан. Барак Обама за време на кампањата побара од американските специјални сили да ја преземат во свои раце борбата против тероризмот во Пакистан во услови на јасни разузнувачки информации:„Ако Пакистан не сака или е неспособен да го уапси Осама Бин Ладен, тогаш тоа мораме да го сториме ние“, зборуваше Обама во едно предизборно интервју. Ваквиот негов став предизвика силни критки. Меѓу другото и од неговата тогашна партиска соперничка Хилари Клинтон. Таа предупреди дека американските операции на пакистанска територија треба да се планираат тајно и да не се разговара за нив.

Идниот американски Претседател и Хилари Клинтон, која ќе ја преземе функцијата министер за надворешни работи, сега зборуваат во еден глас. Терористичките центри во Пакистан и тајната служба која ги поддржува терористите, мора да бидат ослабени, но исто така да се засили поддршката за Индија, која важи за сојузник на САД во борбата против Талибанците. Истовремено мора да се засили и цивилното општество во Пакистан и да не се дозволи нуклеарното оружје во земјата да падне во рацете на Ал Каеда.