1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто диктатурите долго траат?

Дирк Кауфман/ Жана Ацеска16 септември 2013

Автократските владејачки системи не се легитимирани на избори, нивната власт се потпира на сила и угнетување. Како можат и покрај тоа да најдат поддршка кај народот и колку долго тоа може да функционира?

https://p.dw.com/p/19aa0
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Во речиси секоја втора земја во светот владее авторитарен режим, истакнува политикологот, професор Кристоф Стифес од Универзитетот Колорадо во Денвер, САД. Тој по порачка на Научниот центар за социјални истражувања од Берлин раководеше студиски проект на тема - авторитарни режими, чии првични резултати се веќе познати.

Но, што се воопшто автократски режими? Често се дава упростено објаснување: сѐ што не е демократија. Демократијата се препознава по тоа што „пристапот кон власт е отворен и најважните позиции се пополнуваат преку слободни избори“. Во истражуваните држави се вбројуваат сите „апсолутистички монархии, воени режими и секоја еднопартиска држава, но и повеќепартиските системи во кои уште пред изборите е познато кој ќе биде победникот“, истакнува политикологот.

Три столба на моќта

Научниците упатуваат на три фактори на кои се потпира моќта на автократските режими: легитимација, репресија и партиципација. Овие три столба се условени меѓусебно и сѐ додека се во рамнотежа, овозможуваат властодржецот да биде сигурен на фотелјата.

Под партиципација се подразбира поврзување преку учество, вклучување на поданиците во власта: на луѓето им се нуди учество во режимот, со што можат да профитираат од него. Така создадената солидарност се базира на неприкосновеноста на моќта на диктаторот, кој го одобрил ова учество. Партиципацијата е најслабиот од трите столба, тврди студијата. Таа има најмало влијание врз стабилноста на еден авторитарен режим.

Christoph Stefes WZB Berlin EINSCHRÄNKUNG
Кристоф СтифесФотографија: Die Hoffotografen Berlin

Репресијата, потиснувањето на сите нееднакви мислења е силен инструмент. Притоа, постои разлика меѓу груба и суптилна репресија, истакнува Стифес во разговор за Дојче веле. Пример за „блага“ репресија може да се најде во Русија. Таму, одвреме-навреме се растураат демонстрации и се апсат опозиционери, но најчесто угнетувањето се одвива сокриено: „Неомилените новинари се дискредитираат преку понижувачки обвинувања или на критичарите на режимот им се ’закачуваат на врат’ даночни инспектори“.

„Мора да се признае, господин Путин тоа го прави мошне умешно“, вели Стифес.

Груби и суптилни мерки

Груби мерки како апсење и мачење или киднапирање и убиства на владините противници за владетелите-насилници се меч со две острици. Од една страна тие го зголемуваат стравот на потчинетите и ги прават зависни, од друга страна пак уште повеќе ја поттикнуваат опозицијата: ако ваквите злодела излезат на виделина, тоа ја загрозува власта на дикаторот.

„Благите“ мерки, кои опфаќаат и целни промени во даночното законодавство или замрзнувањена банкарските сметки, можат да бидат спроведени полесно и поневоочливо. Бидејќи за нив ретко се известува во медиумите, и нивниот потенцијал да предизвикаат огорчување е помал, па на опозицијата само малку ѝ лиферуваат аргументирачка муниција.

Легитимацијата е клуч за успех

Најголем ефект за зачувување на власта на еден авторитарен водач или недемократски режим има легитимацијата. Додека во една демократија секоја влада се легитимира преку избори, властодршците во диктатурите мора сами да си ја обезбедат својата легитимација.

Средство за легитимација може да биде апелот, будењето на националистичките инстинкти, како што направи на пример српскиот властодржец Слободан Милошевиќ, или идеологија како комунизмот која ја создаде диктаторот од Камбоџа, Пол Пот. Фидел Кастро на Куба ги направи двете работи: заигра на националистичка карта против „лошиот сосед“ САД и својот народ го насочи кон комунизам.

Друг начин е ветувањето економски успеси. Во Кина на пример, Комунистичката партија благодарение на овие ветувања не мораше да стравува од протести. Колку добро функционира тоа, се увери и самиот Кристоф Стифес. За време на неговите предавања како професор во Кина, ги прашал студентите што мислат за демократијата и повеќепартиски систем во Кина. На тоа следел одговор: „Тоа овде сѐ би дестабилизирало. Не, ние остануваме на Комунистичката партија, зашто и нам материјално ќе ни биде добро“.

Како можат да паднат диктатурите

Една диктатура функционира сѐ додека се стабилни и во рамнотежа овие три столбови, вели Стифес. Деновите на еден авторитарен режим се избројани кога народот ќе се побуди против репресиите. Или кога кооптацијата веќе не помага за соучество во власта, туку само ја поттикнува корупцијата. Или, ако некој диктатор ненадејно умре, а прашањето за негов наследник не е разјаснето.

Кристоф Стифенс истакнува дека резултатите на научната студија во никој случај не можат да предвидат крај на некој диктатор: „Тоа не можеме да го прогнозираме. Но, можеме барем да кажеме - под вакви или онакви околности можноста за пад е поголема од претходно“, вели политикологот.