1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Германија сега треба да е „кул“?

Астрид Пранге
17 мај 2018

Cool Germany! Насловен текст на британскиот магазин „Економист“ ѝ даде нов поттик на германската дебата за татковина и идентитет. Странските медиуми ја декларираа Германија како посакувана земја.

https://p.dw.com/p/2wCgc
Economist Cover - Cool Germany
Фотографија: Twitter/The Economist

Семафорот со препознатливото човече од времињата на ГДР е на зелено. Со мало, речиси невидливо германско знаме маршира во правец на иднината. Бранденбуршката капија во Берлин му е поставена како пешачки премин. На другата страна го чека нова земја - Cool Germany!

„Cool Germany" е насловот на насловната сторија на едно априлско издание на „Економист“. Британскиот магазин кој ја набљудува Германија од птичја перспектива со тоа дава нова конотација на германската дебата за татковината и идентитетот. Сосем без „страв од Германија", авторот на „Економист“, Џереми Клиф опишува една нова ера. Тој е убеден дека Германија во моментот наново се осознава. Земјата станува поотворена, понеформална и помодерна, но и фрагментирана и поларизирана. Од гледна точка на Британец – нормална.

Германска „турлитава“

Некогаш хомогеното германско општетство, според Клиф, сега е станато „турлитава“. Оттаму потекнува потрагата по нов национален идентитет, некаде меѓу американскиот мит за доселување и германскиот страв од отуѓување, што нема да ја одреди само иднината на Германија, туку и на цела Европа. Статистиката го потврдува описот на Германија како земја на доселеници. Според податоците на германскиот Завод за статистика, во 2016 година секое четврто бебе родено во земјата имало мајка странец. Секој петти жител има таканаречено мигрантско потекло, односно има барем еден родител кој не е роден со германско државјанство.

Deutschland Ausländer Grundschüler
Во 2016 година 38,1% од децата под петгодишна возраст во Германија имале мигрантско потеклоФотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

Нова татковина, туѓа татковина

Германскиот магазин „Шпигел“ пред неколку недели насловната сторија ѝ ја посвети на дебатата за татковина и идентитет. Под насловот „Нова татковина" магазинот опишува една земја која се наоѓа во фаза на општествено преструктирирање, во која стари и нови Германци, како и бегалците, се чувствуваат отуѓено. Но, во една точка и двата водечки магазини се поклопуваат. Постои негодување за пристигнувањето на стотици илјади бегалци и со тоа поврзаните проблеми во интеграцијата. Но, додека „Шпигел“ смета дека големи делови од земјата страдаат од стрес „поврзан со идентитетот" и понатаму опишува дека „Германците без странски корени се плашат дека доселениците би можеле да им ја земат татковината", анализата на „Економист“ звучи многу пооптимистички: „Кризата со бегалците ги прошири хоризонтите за Германија", ја фали магазинот германската влада. Освен тоа, се формирал нов општествен „идентитет кој националната припадност не ја дефинира само етнички, туку сѐ повеќе граѓанско-државнички."

Од „пациент“ во „двигател на Европа"

Пофалбата од британска страна не ја примија сите позитивно. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг" коментира дека „Економист ја гледа Германија во убаво светло од перспективата на Брегзит". „Во Германија пред Бранденбуршката капија се палат знамиња со Давидовата ѕвезда. Cool Germany? Како па да не!"

Cool Germany? Меѓународната перцепција за Германија варираше во изминатите години. Во деведесеттите години од минатиот век земјата важеше за „европски пациент". Во 2010 година пак стана „двигател на Европа", додека во 2013 година тој се намали во една нација „која не го достигнала својот потенцијал".

И Велика Британија едно време во медиумите беше опишана како „кул", во периодот кога на власт беше премиерот Тони Блер (1997 до 2007). Но чуството на „кул“ во време на Брегзит, според меѓународната перцепција, е сосем изгубено.

Повеќе:

Германија се бори со себеси

Нов спор околу германската химна: родина наместо татковина

Што е „татковина“?

Погледнато од овој аспект, ваквото гледиште на ЕУ-пријателски настроената Германија е сосем разбирливо. Но, не само „Економист“, туку и „Шпигел“ зборуваат за новата „кул Германија". Како пожелни места во кои има успешна интеграција се јужногерманските градови како Аугсбург и Штутгарт, каде половина од населението има мигрантско потекло.

Крај на Ерата Меркел

Во баварскиот град Аугсбург интергацијата функционира беспрекорно поради големиот број работни места и можности за работа. „Можноста за работа е многу важен фактор", го цитира „Шпигел“ експертот за интеграција Јенс Шнајдерн кој ги истражува шансите за напредок на доселеничките семејства во германските градови. „Социјализацијата преку работа и во времето на гастарбајтерите (од Турција и сл.) функционраше успешно и функционира и до ден денес“. Според „Економист“, човечето од семафорот за Германија во однос на ваквите успеси свети на зелено. „Би било грешка да ги потцениме Германците", коментира магазинот. „Само од обединувањето Германија го апсорбираше комунистичкиот исток на земјата, ја преживеа финансиската криза од 2000 година и прими над еден милион доселеници."

За британските новинари е јасно: Германија одново се спознава.