1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто всушност протестираат Бразилците?

Јан Валтер/ Жана Ацеска 20 јуни 2013

Демонстрациите против зголемените цени на превозот во Бразил прераснаа во генерален протест против власта. Бразилците се сити од своите политичари, меѓу другото и поради организацијата на Светското фудбалско првенство.

https://p.dw.com/p/18tIO
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Купот на конфедерациите всушност е слатка увертира пред претстојното Светско фудбалско првенство. Сеп Блатер се чини смета дека и во Бразил нема да биде поинаку: „Фудбалот е поголем од незадоволството“, изјави шефот на ФИФА. Но, топката се тркала веќе четири дена, а во Бразил и натаму се одржуваат најголемите демонстрации во последните 20 години. Со народот сега се солидаризира и репрезентацијата на домаќинот: „Да маршираме заедно за Бразил. Го сакам својот народ и секогаш ќе го поддржувам“, напиша одбранбениот играч на Бајерн, а бразилски репрезентативец, Данте.

Стотици илјади Бразилци демонстрираат пред се‘ на улиците на трите најголеми градови Бразилија, Сао Паоло и Рио де Жанеиро повеќе од една недела, прво поради зголемувањето на цените на билетите за превоз во јавниот сообраќај за околу седум центи. Но, во меѓувреме се работи за многу повеќе.

Големо незадоволство

„Секој демонстрант има свои причини“, вели Марсело Фелер. Адвокатот од Сао Паоло е на страната на огорчените бразилски граѓани. Заедно со 1800 други правници во целата земја тој ги застапува бесплатно уапсените демонстранти кои мирно протестирале.

„Мобилизираните маси протестираат против високите трошоци за живот, корупцијата и државниот неуспешен менаџмент, пред се‘ пред Купот на федерациите“, вели адвокатот.

Социологот Кандидо Гржибовски потврдува и дополнува:

„Ова се претежно млади луѓе, не сосем сиромашни, не екстремно богати, туку оние во средината“. Значи, луѓето кои работат, студираат или ги прават двете работи истовремено. Гржибовски го раководи реномираниот Институт за социолошки истражувања, „Ибасе“ во центарот на Рио де Жанеиро. Демонстрациите се одвиваат токму пред зградата во која е неговото биро. Од таму прочитал еден од транспарентите: „Треба ли да ги пратам децата на часови на Маракана?“ За Гржибовски ова е симболична реченица, зашто според многумина Бразилци, премногу пари се потрошени во стадиони, а премалку во образование.

Proteste Brasilien
Фотографија: Reuters

Државен неуспешен менаџмент

Маракана во Рио де Жанеиро е најголемиот стадион во земјата, на него ќе се играат финалните натпревари на Купот на конфедерациите и на Светското првенство 2014. Обновата на стадионот чини 360 милиони евра наместо планираните 230 милиони, откако во претходните 15 години двапати беше саниран и беа потрошени 220 милиони евра. Од мај е познато - познатиот претприемач Еике Батиста, чиј имот се проценува на 30 милијарди евра и мултиконцернот Одебрехт смеат да стопанисуваат со стадионот настрана од Светското првенство. Цената е 65 милиони евра за 35 години и модернизација на соседниот спортски парк за 200 милиони евра. Токму вакви потези кај луѓето предизвикуваат чувство- државата не е во состојба да ги застапува интересите на народот. Кон ова се надоврзува и дебатата за закон кој треба да му ги „скрати крилјата“ на досега активното државно обвинителство: истрагата во постапките за корупција во иднина треба да и‘ биде препуштена на се‘ покорумпираната полиција.

Бразилско буре барут

Навистина, благодарение на економскиот подем во последните 15 години голем дел од населението и‘ избега на екстремната сиромаштија - речиси нема гладни, невработеноста е на историски ниско ниво - под шест проценти. Но, многумина имаат проблеми да го одржат животниот стандард поради инфлацијата, животните продукти чинат повеќе отколку во Германија. Килограм домати чини околу 4 евра. Шансите за напредување на социјалната скала со сопствен труд се ограничени:

„Социјалната политика често не е во интерес на луѓето“, оценува Гржибовски, укажувајќи на програмите за поддршка со кои се градат станови во кои никој не сака да живее. На другастрана образованието во јавните училишта и натаму е на ниско ниво, добро здравствено осигурување им е достапно само на побогатите, а јавниот транспорт на патници колабира.

Јавен превоз

Кај многу луѓе се роди надеж дека со добивањето на организацијата на Светското фудбалско првенство 2014 година, ќе дојде до подобрување во јавниот превоз. Но, додека трошоците за стадионите пораснаа од две на три милијарди евра, вложувањата во важниот транспортен сектор се минимални. Од претходно предвидените 11 милијарди евра, во инфраструктурата ќе се влеат само девет милијарди евра.

На адвокатот Фелер за да стигне до работното место во Сао Паоло со автобус или воз би му требале речиси еденипол час, со автомибил низ постојано преполните улици тој стигнува за 30 минути. Ситуацијата во Рио де Жанеиро социологот Гржибовски вака ја опишува: „На некои наши соработници за истиот пат до работа денес им треба двојно подолго време отколку пред пет години“.

Во моментот кога сообраќајните претпријатија решија да ги зголемат цените, чашата беше прелеана: Бразилците излегоа на улици.

И тоа не „поради седум центи“, како што карикираа странските медиуми: „Демонстрантите сами велат дека тоа не е така. До вчера никој поради тоа не би станал од каучот, но денес Бразил се разбуди, се работи за тоа што владата не може да се справи со работите“, вели адвокатот Фелер.

Последниот пат кога земјата се разбуди, Бразилците го принудија корумпираниот претседател Фернандо Колор де Мело на оставка. Тоа беше во 1992 година. Сега активистите преку интернет платформата „Авааз“ собраа стотици илјади гласови против Дилма Русеф.

Претседателката меѓутоа ги фали размерите на протестите како сила на бразилската демократија и за разлика од нејзиниот турски колега Ердоган, застана на страната на демонстрантите. Ниту Фелер ниту Гржибовски не гледаат акутна опасност за Русеф. Но, дека таа ќе успее да ги смири Бразилците со топли зборови, тие исто така не веруваат.