1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Бајројт фасцинира?

25 јули 2010

Денеска во германското градче Бајројт (25.07.2010) започнува традиционалниот фестивал посветен на музиката на големиот композитор Рихард Вагнер. Оперскиот фестивал е мега- случување кое воодушевува.

https://p.dw.com/p/OU5g
Поглед од сцената во Фестивалската оперска куќа во БајројтФотографија: picture-alliance/dpa

99 издание на фестивалот во Бајројт вечерва ќе биде отворен со нова поставка на Вагнеровата романтична опера, „Лохенгрин“. На програмата се други дела на Вагнер како „Парсифал“, Мајсторите пејачи од Нирнберг“ и четириделниот оперски циклус „Прстенот на Нибелунзите“ итн.

Меѓутоа публиката во Бајројт не ја привлекува само уметничката страна на фестивалот туку во иста мера и единствениот карактер и автентичноста на местото каде што се изведуваат Вагнеровите дела. „Рихард Вагнер пишува опера за театар што го нема“, се жалеше еден негов современик. Наместо да се препушти на реалноста и да доживее неуспех, Вагнер го оствари својот сон: фестивалската театарска куќа во Бајројт. Тоа требаше да биде привремен објект и уште патоказ за театарот на иднината.

Festspielhaus auf dem "Grünen Hügel" in Bayreuth
Фестивалската куќа на „зелениот рид“ во БајројтФотографија: AP

Фестивалска куќа од соништата на Вагнер

Но се случи токму спротивното. Фестивалската куќа на Вагнер се’ уште постои но останува уникатна, пред се поради акустиката која создава идеална мешавина за музичките драми на композиторот. Изборот на местото за изградба на театарот бил генијален потег, смета Танкред Дорст режисер на актуелната продукција на „Прстенот на Нибелунзите“:

„ Сметам дека тоа била паметна идеја на Вагнер оваа фестивалска куќа да не ја направи во Минхен туку во еден мал град во еден многу убав пејсаж, токму тука во Бајројт“, вели Дорст

Бајројт со своите 72 илјади жители се наоѓа на еден час возење од Нирнберг. На една височинка во градот прочуена како „зелениот рид“ се наоѓа фестивалската театарска куќа на Рихард Вагнер. Оваа глетка за 84 годишниот писател Дорст и многумина од неговата генерација буди измешани чувства:

„ Бајројт , овој ’ зелен рид“ е се разбира сосем посебно место, не само од уметнички причини, туку истотака ова место и самото е мит. Тоа е мит кој припаѓа на германската историја, со добро и со лошо. Дури повеќе со лошо. Секогаш кога наутро одев на проби натаму и кога ќе го видев ова здание , ми се појавуваше пред очи овој дел од историјата на Германија во времето на нацизмот кога она што го направи Вагнер доби сосема поинаква улога“

Историјата на семејството Вагнер како кај Шекспир

Deutschland Geschichte Musik Komponist Richard Wagner
Рихард ВагнерФотографија: ullstein bild - Granger Collection

Рихард Вагнер веќе половина век претходно беше починат, меѓутоа тогашната шефица на фестивалот во Бајројт Винифред Вагнер беше член на Националсоцијалистичката партија и личен пријател на Адолф Хитлер.

И тоа имено е дел од историјата на фестивалот во Бајројт. Од неговото основање во 1876 година тој е постојано раководен од членови на семејството Вагнер. Од 2008 година наваму на чело на фестивалот се правнуките на композиторот Ева и Катарина. Ниту еден фестивал нема таква традиција на раководење од страна на семејна династија. Притоа се менуваа периоди на обнова со фази на стагнација.

Германскиот писател Томас Ман го опиша Рихард Вагнер како „веројатно најголемиот уметнички талент во историјата на човештвото“. Тој поларизира до денес , а со тоа и Бајројт но и неговото семејство:

„ Кога ќе се погледне историјата на ова семејство, тоа е речиси како кај Шекспир“ , вели Јирген Флим, режисер на Вагнеровите дела.

Во секој случај Бајројт е магнет за љубителите на операта , но и за голем број политичари и еминентни личности, кои во секој случај ќе се појавуваат барем на отворањето на фестивалот кое секогаш е проследено со голема медиумска помпа. Потоа меѓутоа се’ до 28 август доаѓа оној далеку посуштествен дел на фестивалот во Бајројт, имено Рихард Вагнер и неговите музички драми.

Автор: Рик Фулкер/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутановски