1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЗНМ: Разврска на настаните од 24 декември во Стразбур

СН/ам/миа24 декември 2013

Здружението на новинари на Македонија најави дека доколку институциите немаат сила да се соочат со сопствената одговорност за настаните на 24 декември, тогаш разврска ќе бара во Европскиот суд за човекови права.

https://p.dw.com/p/1AgQn
Фотографија: picture alliance/JOKER

Здружението на новинари на Македонија нема да дозволи забошотување на настаните од 24 декември и ако Уставниот суд не констатира очигледна повреда на Уставот, ќе се обрати до Европскиот суд за човекови права во Стразбур (насловна фотографија). Како што рече денеска претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, и по една година случајот нема правна разврска, ниту некој за него понесе политичка одговорност.

„Мора да има институционална разврска, зашто станува збор за тешко повредување на Уставот. Ако ние не инсистирме на тоа до крај, нема никаква гаранција дека нема да се повторат вакви тешки инциденти, прекрушувања на Уставот и на нашите права, како и можноста јавноста да биде информирана. Доколку институциите немаат сила да се соочат со сопствената одговорност, тогаш нашето право ќе го бараме пред Европскиот суд“, истакна Селмани на прес-конференција.

Според него, доколку Уставниот суд констатира повреда на Уставот, ќе покаже дека е на висина на својата одговорност и ЗНМ ќе ја поздрави таквата одлука.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

ЗНМ во февруари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд со која побара највисоката институција да се изјасни - дали со исфрлањето на новинарите од собраниската галерија е повредено уставното начело за слобода и право на јавно изразување на мислата. Иако поминаа 10 месеци, Уставниот суд се’ уште не се изјасни. „Иницијативата не е заглавена. Уставниот суд уште нема одлучено. Чекаме, се надеваме и веруваме дека наскоро ќе ја стави на дневен ред и ќе донесе соодветна одлука, рече Селмани.

Тој потсети дека Анкетната комисија за расветлување на настаните од 24 декември утврди дека во случајот со новинарите имало прекршување на Уставот, но пропушти да констатира политичка одговорност за лицето кое нареди нивно исфрлање од галеријата. Државниот врв, пак, изрази жалење поради исфрлањето на новинарите, но никој не го демонстрира ова расположение.

Став на ЗНМ е дека лоцирањето конкретна одговорност во иднина ќе спречува какво било прекршување на Уставот и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во уставниот поредок.