1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЗНМ незадоволно од одговорот на МВР за инцидентот во Собрание

ЕМФ/макфакс/миа2 јануари 2013

Здружението на новинарите на Македонија е крајно незадоволно од одговорот на Министерството на внатрешни работи за претставката поврзана со инцидентот во Собранието на 24-ти декември.

https://p.dw.com/p/17CP4
Фотографија: MAKFAX

„Одговорите на МВР не се однесуваат на нашата претставка. Ние баравме да се
утврди одговорност на наредбодавачите и извршителите на одлуката која е спротивна на Уставот и со која беа спречени новинарите да ги следат
настаните во Собранието. Насилното исфрлање на новинарите, без никаква
правна основа од галеријата во Собранието, е чин на цензура што е забрането
со член 16 од Уставот на РМ. Потсетуваме дека согласно со член 70 од Уставот
на РМ Седниците на Собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Таква одлука не беше донесена“, велат од ЗНМ.

За ЗНМ е несфатливо „Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР да не утврди никаква одговорност за исфрлувањето на новинарите од собраниската галерија, иако за таа полициска постапка претходно изразија жалење Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Собранието на РМ, Претседателот на Владата на РМ, Заменик претседателката на Владата на РМ“. „Ако одлуката била во согласност со Уставот и законите и спроведена на соодветен начин, зошто тогаш државниот врв изразува жалење?“, прашува ЗНМ.
За ЗНМ е неприфатливо работата на новинарите на каков било начин да се поврзува со случувањата во салата за седници и пред Собранието на РМ. „Новинарите таму беа испратени од своите редакции да ги следат настаните и да известуваат за нив. Со исфрлувањето од галеријата, без никакво објаснување од страна на собраниското обезбедување, новинарите беа спречени да ја извршуваат својата работа, а на јавноста и‘ беше оневозможено правото објективно и навремено да биде информирана“, велат од ЗНМ.

ЗНМ очекува државните институции да смогнат сили да го расветлат случајот, а се‘ додека тоа не се случи, се останува на одлуката за прекинување на разговорите со Владата.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Фотографија: MAKFAX

МВР на 31 декември информираше дека Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, по интерната истрага, заклучил дека претставката на Здружението на новинарите на Македонија за прекумерна употреба на сила кон новинарите за време на случувањата во Собранието при носење на буџетот е неоснована.

„Од увидот во целокупниот видео материјал, како и од извршените разговори, не може да се констатира прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата. Напротив, постапувањето на полициските службеници е согласно Законот за Собрание, Законот за полиција, Кодексот на полициската етика и подзаконските акти. Оттаму, СВКПС цени дека претставката поднесена од Здружение на новинари на Македонија за незаконско и непрофесионално постапување на полициски службеници на ден 24.12.2012 година во Собранието на РМ е неоснована“, наведе МВР во соопштението за случајот.