Злоупотребата на визната либерализација е прашање на одговорност
15 октомври 2012Стефано Санино генералниот директор на Генералниот директорат за проширување смета дека една од најголемите придобивки на ЕУ е успехот визната либерализација да биде применета со сите земји од регионот. Тој нагласи - тоа да не се злоупотребува.
„Внимателно го следиме применувањето на визната либерализација. Постои детерминираност да ги држиме вратите отворени и системот да функционира. Но, мора да бидеме сигурни дека тој не се злоупотребува. Ако системот суштествено се злоупотребува, тогаш постои ризик. Прашање е на одговорност и сите треба да имаме свој удел“, рече Санино.
Тој денеска имаше средба со македонската вицепремиерка за европски прашања Теута Арифи. Таа укажа на ангажираноста на Владата во справување со злоупотребите на визната либерализација.
„Како и секоја година, ние остануваме ангажирани да има минимиум злоупотреби на визната либерализација. Ќе се придржуваме до истите активности“, рече Арифи.
Надеж за датум за преговори
Стефано Санино се надева дека Советот на ЕУ во декември ќе донесе одлука Македонија да мине во следната фаза од евроинтеграцијата, како што препорача Европската комисија.
„Состанокот на Европскиот совет е во декември и се надеваме дека ќе биде донесена одлука за продолжување на односите со ЕУ. Се надеваме, како што истакна и комесарот Филе, дека јазикот нема да биде статичен и повторување на фактот во однос на препораката на ЕК, туку дека навистина ќе поминеме во следна фаза од односите. Ова бара да ги удвоиме нашите заеднички напори со цел да бидеме сигурни дека до декември ќе имаме позитивна препорака од Советот“, рече Санино.
Санино се осврна и на преговорите за името и предлог-рамката за негово решавање во рана фаза од пристапните преговори.
„Прашањето на добрососедските односи е клучно во овој процес и ние секогаш го подвлекуваме тоа. Веруваме, а тоа го нагласивме и во Извештајот за напредокот, дека пристапниот процес ќе го олесни процесот на решавање на спорот за името. Ќе продолжиме да работите заедно со македонските, а исто така и со грчките власти за да се осигураме дека тоа ќе доведе до резултати што ги посакуваме“, рече Санино.
Санино и Арифи денеска осврнале на Извештајот на ЕК, особено на препораките кои треба да бидат прифатени со цел да се продолжи со исто темпо на реформи.