Злоставуваните деца од ДДР добија право на отштета
1 јули 2012Ралф Вебер има силен, мускулест изглед. И покрај тоа, во него се крие големо дете. „Копнежот по мајка ми го чувствувам и денес“, признава овој 57-годишник, кој живее со својата сопруга во убава куќа, во непосредна близина на својата мајка. Полека започнува да ја раскажува својата приказна.
Бруталност зад ѕидовите
Ралф како шестгодишно момче го одземале од неговата мајка. Таа била самохран родител со полно работно време и со роднини во Западна Германија. За режимот во ДДР тоа биле повеќе од доволни причини за сомничавост. Детето во текот на денот главно било препуштено само на себе, „што му пречело на неговиот развој“, речено му е подоцна, без ниту едно објаснување на што е заснован тој заклучок.
Во домот го тепале од првата вечер и тоа со каиш со нитни, со сноп клучеви и со се’ останато што предизвикува болка. Тој трпел војничка тортура – не му давале да спие, морал да се покори на точно одреден дневен план, без ниту малку слобода или право на сопственост. Во самица или под туш го злоставувале надзорниците, тепајќи го до онесвестување. Вебер започнал неконтролирано да мокри и се криел под покривката на креветот.
Шок-терапија за уништување на личноста
Негувателите во домот со сите сили се обидувале да ја скршат неговата волја. Еден ден Ралф го преместиле во поправен дом во Торгау, кој во пракса бил еднаков на затвор. Зад високите ѕидови и прозорци со решетки, опкружени со стражарски кули, заслепувачки рефлектори и лоши кучиња, штитениците требале да научат да работат.
„Сеќавањата за преживеаната бруталност и екстремните ситуации и денес во мене се многу живи. Во глава имам толку многу слики од кои никогаш нема да можам да се ослободам“, вели Ралф Вебер.
Тој до ден денес ги знае речиси сите имиња на негувателите во домовите во кои го минал своето детство – 12 институции во девет години. Потоа следувала психијатриската клиника, каде без негова согласност му давале седативи и други медикаменти.
„Репресивниот систем во ДДР се гледаше во манипулацијата на граѓаните, а кога тоа не успеваше, се одеше на уништување на семејството“, се сеќава Вебер. Кога наполнил 26 години бил препуштен сам на себе, со очекување дека „не развил никаква личност“.
Живот на „слобода“ во ДДР
За ужасот што го преживеал било забрането да се зборува. Тој успеал да го надополни пропуштеното во образованието и завршил занает за металски работник. Соодветно вработување во ДДР никогаш не добил, но можел самостојно да заработува, па дури и добил дозвола да го посети својот вујко во Западна Германија.
„Службата за државна безбедност сакаше да не се вратам“, вели Вебер. Но, таа услуга тој не им ја направил. Со пропаѓањето на ДДР тој конечно можел да се соочи со својата лична историја.
Сам пред судот
Поради тортурата што ја преживеал и лошата исхрана во домовите, Вебер е неспособен за работа. Адвокат да плати не можеше да си дозволи, па затоа сам му се обрати на судот со молба за оштета, до оглед дека таквото одгледување во домот е спротивно на принципите на правната држава. Во 2004-та година Врховниот берлински суд пресуди дека немало повод за затворање на малолетници во поправниот дом во Торгау, со оглед на тоа дека немало докази оти тие се криминалци. Телесното казнување и злоставувањето исто така е оценето како против-законско.
Вебер случајот го покрена и пред Уставниот суд, чии судии во 2009-та година одлучија дека децата и младите, кои во ДДР „поради неоправдани причини или во страв од политички прогон“ биле сместени во дом, имаат право на рехабилитација. Тука спаѓаат и децата кои биле затворени без никаква причина или, пак, биле употребувани за да се уценуваат нивните родители, доколку го критикувале режимот.
Политиката ја одобрува отштетата
Вебер исто така сведочеше и во Бундестагот. Политичарите одлучија да формираат фонд во висина од 40 милиони евра, наменет за помош на децата од домовите во ДДР. Според пресметките на експертите, во домовите во Источна Германија помеѓу три и четиристотини илјади деца и младинци. Од денеска, први јули, тие ќе можат да им се обратат на државните служби во сите германски сојузни покраини. Ним ќе им се доделува парична помош во износ до 10.000 евра за терапевтски цели. Младите кои без никакви обвиненија биле принудени да работат во поправните домови, слични на затвори, ќе бидат обештетени со по 300 евра месечно.
Вебер вели дека не се работи за износот на пари. „Политиката призна дека правеше неправда и нам ќе ни даде обештетување. Точка и крај на таа приказна“.