1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Злато со позајмен дрес

ЖА/макфакс9 август 2012

На рускиот скокач Иван Сергеевич Уков му го украле дресот во финалето, но тој и покрај оваа незгода освои златен медал.

https://p.dw.com/p/15mCv
Фотографија: AP

Еден од хероите на атлетската програма на олимпискиот стадион во Лондон беше рускиот скокач, Иван Сергеевич Уков. Тој прескона 2,38 метри и го освои златниот медал во скок во височина, ниту тоа дека за време на финалето останал без дресот не му го наруши ритамот на рускиот атлетичар.

Имено, по првите две серии некој му го украл дресот на Уков од неговиот ранец, тој потоа позајмил маица од репрезентативниот колега Андреј Силнов, со која го освои златниот медал.

„Дресот го ставив таму каде што го оставам по секој скок, во ранецот. Но тој исчезна од таму. Некој веројатно го украл“, рече Уков.

Забележливо за гледачите на олимпискиот стадион и публиката кај телевизиските екрани беше кога Уков се појави на залетиштето во светло сина маица, која драстично се разликува од колоритот на руската репрезентација.

„Бев загрижен, можеа да ме дисквалификуваат поради тоа што немав адекватна опрема, но на крајот сe заврши на најдобар можен начин. Симболиката е во тоа што освоив златен медал во маицата на атлетичарот кој пред четири години во Пекинг беше најдобар. Мислам дека тоа ми донесе среќа“, вели рускиот скокач во височина.

Уков стана светски познат многу пред Олимписките игри во Лондон, но не поради некој поставен рекорд или победа на некој од атлетските митинзи. Пред пет години на митингот во Лозана тој на залетиштето се појави во алкохолизирана состојба, се обиде да скока, но едвај ја погоди патеката и на крајот легна на душекот.