1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Злато од бетон" - недвижностите како сигурна инвестиција

24 февруари 2012

Што да се прави со парите во турбулентни времиња? Златото отсекогаш било сметано за сигурна инвестиција. Но, засилено се инвестира и во недвижности.

https://p.dw.com/p/148Hu
Фотографија: Fotolia/Brian Jackson

Веројатно благодарение на должничката криза и турбуленциите на финансиските пазари повторно доживува подем инвестирање во недвижности, што беше исмевано како по малку старомодна форма. Приватните станбени штедилници минатата година бележеа пораст, а и годинава очекуваат прилив на нови клиенти.

Според Андреас Цендер, претседател на Управниот одбор на Здружението на приватните станбени штедилници, лани се издадени за 20 проценти повеќе одобренија за градење. Ова тој го толкува како јасен доказ дека луѓето го сметаат за сигурна инвестиција вложувањето пари за обезбедување сопствен дом и тоа од два аспекта - „оти него го сметаат како опредметена вредност и како обезбедување за старост“.

Станбеното штедење на рекордно ниво

Во разговор за ДВ Цендер наведе дека лани во приватните станбени штедилници се внесени 18 милијарди евра. Тоа е рекорден резултат. Вкупниот волумен на штедењето за набавка на сопствен дом лани порасна за 10 проценти и достигна 100 милијарди евра. Станбеното штедење, вели Цандер, очигледно кај граѓаните е поим за сигурност и солидност.

Symbolbild Börsenverlauf nach unten
Фотографија: Fotolia/Dan Race

Недвижностите сега се многу омилени - не само за сопствено користење, туку и како форма на инвестирање на капитал. Големата побарувачка, пак, влијае врз порастот на цените и на станарините во Германија. Во Минхен просечната цена на киријата е 13 евра за квадратен метар, без греење, во Франкфурт на Мајна таа изнесува 12 евра. Најповолна е киријата во источните делови на Германија - во Магдебург и Лајпциг таа изнесува 5 евра за квадратен метар.

Германскиот пазар им се опира на турбуленциите

Фирмата „Ернст & Јанг риел естејт“ анкетира 80 претпријатија и инвеститори од Германија, меѓу нив и банки, фондови за недвижности или друштва за инвестирање на капитал. Така изработениот трендбарометар „Пазар на недвижности и инвестмент 2012“ покажува дека Германија, врз основа на економската стабилност, и натаму е на цена како место за инвестирање во недвижности, вели Кристијан Шулц-Вулко, еден од составувачите на студијата.

Во моментов германските недвижности се дури и уште поатрактивни за анкетираните инвеститори отколку пред избивањето на кризата на еврото. Германскиот пазар го оценуваат како атрактивен 99 насто од учесниците во студијата, а особено и континуирано се омилени недвижностите за домување и за деловен простор за трговија на мало, вели за ДВ Шулц-Вулко.

Immobilienmarkt in USA verbrennt Billiarden
Американскиот пазар на недвижности „проголта“ милијардиФотографија: AP

Германија споредбено е на врвот во Европа

За прв пат „Ернст & Јанг риел естејт“ анкетира и инвеститори од 11 други европски земји. Вкупно беа опфатени 540 претпријатија. Студијата покажа дека поради економската стабилност, покрај Германија, многу се ценети и Шведска и Швајцарија како места за инвестирање во недвижности, додека донекаде опаѓа атрактивноста на инаку традиционалните терени за инвестирање - Холандија, Франција и Велика Британија. И за странските инвеститори Германија стана уште поатрактивна по избивањето на финансиската криза. Интересирањето за инвестирање во недвижности е големо поради стравовите во Европа од инфлација, вели Кристијан Шулц-Вулко.

Очекувањата на инвеститорите за 2012 година се умерени: само во Германија, Франција и Луксембург мнозинство од анкетираните смета дека ќе порасне волуменот на трансакциите (трговијата со станбен и деловен простор) во споредба со лани. Во Германија минатата година волуменот на трансакциите достигна 28 милијарди евра.

Автор: Моника Ломилер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска