1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Златниот“ Недев горд на успехот

21 ноември 2011

Неописливо е чувството кога на победничкиот пиедестал се свиреше македонската химна, тоа ме направи многу горд, изјави македонскиот каратист Дејан Недев, освојувач на злaтниот медал на Европското првенство во Ерусалим.

https://p.dw.com/p/13ENm

„Овој резултат има историско значење. Многу пати стигнував до финалето, во 2002 и 2004 на европските првенства, а во 2006 на светско првенство, но не успевав да освојам златен медал. Бев максимално подготвен и имав огромна желба конечно да стигнам до златниот медал. Цели 18 години сум член на репрезентацијата и ова е прво злато во сениорска конкуренција. Неописливо е чувството кога на победничкиот пиедестал се свиреше македонската химна, тоа ме направи многу горд. Жалам поради повредата, бидејќи мислам дека ќе освоевме златен медал и во екипна конкуренција“, изјави на денешната прес-конференција, организирана од страна на Македонската традиционална карате федерација (МТКФ), европскиот првак Дејан Недев.

Победи во пет борби во дисциплината кумите, во конкуренција на 26 каратисти, му беа потребни на Дејан Недев, репрезентативецот во традиционални карате за да стигне до историски успех, освојување на златен медал на Европско првенство.

Недев до изворедниот резултат стигна на Европското првенство, кое минатата недела (16 и 17 ноември) се одржа во Ерусалим, Израел.

Дваесет години беа потребни Македонија да добие континентален шампион во традиционално карате, на Недев тоа му успеа по два порази во финалето ( 2002 во Москва и 2004 во Скопје). Успехот на Недев уште повеќе вреди ако се знае дека тој во Ерусалим ја обнови повредата на мускулот.

На ЕП во Ерусалим покрај златниот медал на Недев, каратистите освоија уште две сребра и два бронзи. Европски вицешампиони во кумите екипно станаа Дејан Недев, Кристијан Кајчевски, Матеј Ангеловски и Аљоша Недев. Бронза, во дисциплината небу (маж/маж) освоија Даниел Димитриевски и Аљоша Недев. Во истата дисциплина, но во конкуренција на јуниори, сребрен медал освоија Матеј Ангеловски и Ернест Никочевиќ. Ангеловски во дисциплината фукуго освои бронза.

Од осамостојувањето, МТКФ редовно учествува на сите големи натпреварувања, вклучувајќи ги светските и европски првенства, на кои вкупно се освоени 28 медали (едно злато, 10 сребра и 17 бронзи). На ЕП во Ерусалим учествуваа 236 натпреварувачи од 22 земји. По повод историскиот резултат каратистите утре ќе имаат прием во Агенцијата за млади и спорт.

Автор:СН/макфакс

Редактор: Е. М. Фиданоска