1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Златната руда ги крена тензиите во Романија

4 март 2012

Селото Росиа Монтана има само 3.000 жители, но може да стане најголемиот рудник за злато во Европа. Подготовките за проектот траат десет години, период во кој населението се подели за тоа прашање.

https://p.dw.com/p/13zyh
Со ископувањата на злато ќе се отворат нови работни места, но ќе се загади животната срединаФотографија: AP

Еден дел од населението го поддржува проектот, а друг дел стравува дека тоа ќе го уништи туристичкиот потенцијал на областа и нејзините антички археолошки остатоци.

Уште кога ќе влезете во центарот на селото Росиа Монтана ќе ви стане јасно дека влегувате во поделена заедница. На лево е седиштето на „Про-Дрептатеа“ (Про-правда), невладината организација што го поддржува проектот за рудникот. Од спротивната страна е Културната фондација на Росиа Монтана.

Rumänien Transilvanien Mine Römer Römisches Reich
Рудникот за злато во романското село Росиа Монтана може да биде најголем во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

„Од 2001-ва со свои очи гледам како илјадници луѓе заминуваат од местово за да направат простор за оваа катастрофа што се случува во Росиа Монтана. Тие си направија договори за недвижниот имот и заминаа без да мислат за историјата на местово – нивната родна почва. Мојата фамилија едноставно исчезна. Еден од малкутемина кои останаа е мојот вујко, со кого немам прозборено веќе седум години, бидејќи се најдовме на различни страни од барикадите“, вели Сорин Јурка, страствен противник на проектот за рудникот.

Изминатите десет години 140 куќи во областа за минирање беа уништени, по заминувањето на многумина од локалното население. На нивното место има 500 вработени во „Росиа Монтана Голд Корпорејшн“, облечени во зелено-жолти униформи. Еден од нив е и Јон Мотој, кој работи шест месеци за компанијата и не може да дочека да се отвори рудникот. „Овде нема ништо. Ова е мртва област. Нема работа и нема начин да се заработи за живот. Без златото, нема шанси за излез. Регионот ќе остане мртва зона. Она што е значајно се работните места што можеш денеска да ги добиеш! Сакам, ако е можно, проектот да почне уште утре. Без оглед колку опасно може да биде, да се живее во сиромаштија е уште поопасно“, вели Мотој.

Аргументи „за“ и „против“

Gold Australien Goldschürfen Goldfieber Goldgräber Nugget
Населението поделено за ископувањето на златната рудаФотографија: picture alliance/dpa

Рудникот ќе отвори околу 3.000 работни места и ја има поддршката од романскиот претседател Трајан Басеску. Претседателот на невладината „Про-Дрептатеа“, наречена и „Про-Росиа Монтана“, Андреј Јурка ги објаснува аргументите за проектот.

„Кога се затвори државниот рудник многумина немаа начин да заработат за живот. Станаа невработени, а повеќе од 85 проценти од младите во Росиа Монтана се невработени. Повеќе од 2.000 години се вади златна руда во Росиа Монтана. Што сакаат овие невладини организации, што сакаат да направат со Росиа Монтана?“, прашува Јурка.

Надвор од селското кафуле Андреј Грубер не се согласува со ваквиот став. На 26-годишна возраст, овој син на рудар, го отвори единствениот мотел во Росиа Монтана. Верува дека иднината на регионот лежи во туризмот.

„Од 2008-ма живеам од туризмот. Некои туристи се Романци, но најголем дел се странци. Нудам селски и културен туризам. Имаме археолошки наоѓалишта и треба да развиваме ваков вид на туризам“, вели Грубер.

УНЕСКО може да го спречи проектот

Traian Basescu
Проектот во Росиа Монтана ја има поддршката на претседателот Трајан БасескуФотографија: picture alliance/dpa

Една од последните шанси да се спречи проектот е да се добие од УНЕСКО статусот на светско културно наследство, благодарение на рударските работи стари 2.000 години. Противниците на проектот веруваат дека тој ќе го уништи туризмот и ќе ја загади околината, поради големите количества цијанид што ќе се користат при копањето на рудата. Се проценува дека годишно ќе се трошат од 13 до 15 милиони килограми цијанид.

„Ако го спроведат проектот ќе уништат пет планини околу мојот дом. Ќе го ископаат и селото во соседната долина. Ќе се понудат малку работни места, проектот ќе трае 15,16 години или колку и да трае и што потоа?“, прашува Грубер.

Од компанијата велат дека планираат да инвестираат 70 милиони долари во заштита на културното богатство, реставрации и реновирања, како и за создавање на туристичка рута.

Еуген Давид, шеф на локалната група за притисок „Албурнус Мајор“, вели дека обидите за забрзување на проектот се нелегални.

„Се соочуваме со закон кој не е демократски, е противуставен и против законодавството на ЕУ, со кој се менува законодавството за рударство со цел да се дозволи на мултинационални рударски компании да експроприраат и да почнат со операции. Финалната битка ќе биде крвава, бидејќи секоја од страните го остри своето оружје“, заклучува Давид.

Автор: Том Вилсон / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска