1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Златен лав“ за Софија Копола

12 септември 2010

Синоќа (11.09) заврши 67. Филмски фестивал во Венеција. „Златниот лав“ за најдобар филм го освои американската режисерка и оскаровка Софија Копола за седмото филмско остварување под нејзина палка, насловено „Некаде“.

https://p.dw.com/p/PA7r
Софија Копола со највисокото признаниеФотографија: AP

Во филмот Софија Копола ја раскажува приказната на познат филмски актер, кој ја согледува празнината на своето постоење преку очите на својата единаесетгодишна ќерка.

Filmfestival in Venedig Silberner Löwe für Alex de la Iglesia
„Сребрен лав“ за Алекс де ла ИнглесиаФотографија: AP

Во официјална конкуренција на Фестивалот беа 23 филма од 11 земји, меѓу кои и филмот „Три“, на германскиот режисер Том Тиквер. Претседателот на стручното жири, режисерот Квентин Тарантино, истакна дека одлуката „Златниот лав“ да и` се додели на Софија Копола била донесена едногласно. Членовите на жирито биле воодушевени од филмот на американската режисерка и ќерка на Франсис Форд Копола уште од првото гледање. Една од малите пикантерии на годинешниот филмски фестивал во Венеција беше тоа што „Златниот лав“ и` беше врачен на Софија Копола од Квентин Тарантино, кој и` е всушност поранешно момче.

„Сребрениот лав“ за најдобра режија отиде во рацете на Шпанецот Алекс де ла Иглесиа, за неговото гротексно карикирано остварување „Тажната балада на трубата.“ Иглесиа на многу невообичаен начин ја раскажува приказната за Хавиер, тажен кловн од времето на диктаторот Франко.

John Woo Venedig Film Festival
Награда за животно дело за Џон ВуФотографија: AP

Американецот Винсент Гало, на очекување на многумина, ја доби наградата за најдобар актер за убедливото претставување во филмот „Суштинско убивање“ на полскиот режисер Јижи Сколимовски.

Неговата грчка колешка Аријане Лабед, пак, беше одликувана со наградата за најдобра актерка, за нејзиното остварување во филмот „Атенберг“.

Добитник на „Златен лав“ за животно дело годинава е хонгконшкиот режисер Џон Ву, кој се смета за иноватор на современиот филмски јазик.

Фестивалот беше отворен на 1 септември со прикажување на филмот „Црниот лебед“ на режисерот Дарен Аронофоски.

Автор: ТТ/ЖА/дпа/афп/миа

Редактор: Жана Ацеска