1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зијадин Села се закани со палење на Собранието

ЕМФ/миа8 ноември 2012

Пратеникот на ДПА Зијадин Села денеска (08.11) на седница на Комисијата за труд и социјална политика се закани со палење на Парламентот.

https://p.dw.com/p/16fUS
Фотографија: MIA

Седницата на Комисијата за труд и социјална политика на која на дневен ред се амандманите за Предлог-законот за бранителите беше прекината поради тоа што пратеникот на ДПА Зијадин Села одби да го прекине своето обраќање побарано како процедурална забелешка, откако ги надмина трите минути, изгласани непосредно пред тој да застане на говорницата. Села рече дека не ја почитува одлуката на Комисијата, истакнувајќи дека на тој начин им се ограничува правото на збор на пратениците Албанци. Обраќајќи им се на пратениците од ДУИ, Села рече: „Ќе ви кажам јас како се блокира овој закон. Ќе ви покажам кога ќе стигнеме до последниот амандман, ќе видите кога ќе ја земеме оваа говорница, овие микрофони и овој Парламент ќе го запалиме.“

Претходно, пратениците ги изгласаа ограничувањата на обраќањата на пратениците според препораките содржани во писмото што претседателот на Собранието го упати до Комисијата и до пратеничката група на ДУИ. Подоцна беше изгласано и ограничување на времетраењето на процедуралните забелешки, бидејќи за време на седницата пратениците од ДУИ и од ДПА се обидоа преку нив да имаат подолги обраќања, поврзани не само со темата на седницата.

Цветанка Иванова, претседателката на Комисијата, истакна дека се прави обид за повторна блокада на работата на ова собраниско тело и дека тоа го прават ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од претседателот на Собранието.