Зимата беснее во Европа
20 јануари 2013Во големи делови на Европа поради замрзнатиот дожд и снегот кој не престанува да паѓа има опасност од лизгање. На аеродромите во Германија, Велика Британија и Франција во текот на викендов (19/20.01) се откажани стотици летови. Само на аеродромот во Франкфурт денеска се откажани 130 летови. Париските аеродроми откажаа 40 проценти од летовите, а на Хитроу, најголемиот аеродром во Лондон, се анулирани стотици летови. Илјадници патници се принудени ноќта да ја минат во аеродромската зграда.
Доцнење има и во железничкиот сообраќај во Германија и Франција, поради тоа што возовите мораат да возат полека. Во Северна Ирска некои домаќинства дури немаат и струја.
Есктремните временски услови се причина и за повеќе смртни случаи. На лизгавите француски улици загинаа шест лица, меѓу нив и тројца војници кои биле на пат за мисијата во Мали. Во шкотските планини четворица планинари загинаа од лавина, една жена е тешко повредена, а еден маж помина со полесни повреди.
И во шпанска Картагена вчера во бура загинале двајца мажи, додека во Галиција се поплавени повеќе улици и има откорнати дрвја. Во Португалија 85-годишен маж поради силата на ветрот летнал низ портата од неговата куќа и починал од повреди на черепот. Службата за цивилна заштита има регистрирано и голем број одрони на земјиште, поплави и прекини на електричната енергија.