Земја на игрите
Германците со векови играат игри во кафеаните, на кујнските маси и во манастирите. Воодушевувањето од ваков вид забава се исплати - германските игри се извозен хит. Како се почнало со играње игри?
Коцките се ѓаволска работа
Во која култура била измислена играта со коцки, не е познато. Но сигурно е дека уште Германите се обложувале фрлајќи коцки. Во Средниот век оваа игра на среќа од страна на општеството се сметала за лоша. Таа важела за ѓаволска работа, затоа што војниците фрлале коцки за тоа кому ќе му припадне облеката на распнатиот Исус. Сепак, дури и зад ѕидините на замоците тајно се играле игри со коцки.
Релаксирање на телото и духот
Тома Аквински (1225-1274), пак, бил застапник на игрите. Како филозоф и теолог тој бил убеден дека игрите го опуштаат духот. Верувал дека игрите се основна потреба на човекот. Затоа и на монасите и на калуѓерките им препорачувал да играат игри почесто.
Јавно палење на игри
За францисканскиот калуѓер Јован Капистран (1386-1456) играњето игри било рамно на грев. Затоа тој отворено се изјаснувал против ваквиот начин на трошење време. Во една Нирнбершка хроника е забележано дека во 1452 година, по изјаснувањето на Капистран против игрите во една своја молитва, јавно биле запалени табли за играње, коцки и карти.
Средновековната табла
И покрај тоа, се играло многу. Меѓу германските благородници во Средниот век омилена била играта табла. Таа игра била и во Европа популарна во исто време како и во арапските земји, Индија и источна Азија. Уште во тоа време имала различни имиња. Во Турција се викала тавла, во Франција - триктрак. До денес таблата, или како што во Германија е позната - Бакгамон, е дел од многу колекции на игри.
Желади, ѕвончиња...
Кон крајот на Средниот век во Европа стигнале игрите со карти. Во меѓувреме, најпознати се француските знаци на картите - лист, баклава, срце и детелина. Порано, меѓутоа, Германците играле со карти чии знаци биле желад, тркалезно ѕвонче, лист и срце. Германскиот лист сѐ уште го има на картите за играта која е омилена во Баварија - шафкопф.
Игрите се ширеле брзо
Во 15. век се појавува и занимањето - производител на карти. Мотивите на картите прво се резбале во дрво, а потоа се печателе на хартија. Со оглед на тоа што француските знаци имаат помалку детали, било поповолно да се произведуваат карти со такви знаци. Затоа Франција во 16. и 17. век била главен снабдувач на континентот со карти за играње, а германските знаци биле потиснати.
За народот коцки, за богатите табли
Уметнички направените и богато изрезбани табли за играње во 18. век биле дел од домаќинството на секој богат човек. Во мода и натаму останале и картите. Оние што држеле до себе се дистанцирале само од игрите со коцки. Таквите игри се сметале за вулгарни и им биле препуштени на „обичните смртници“.
Раѓањето на скатот
Играта скат е родена на 4 септември 1813 година. Настанала во Алтенбург, Германија, од игрите шафкопф, соло, тарок и ломбр. Новата игра брзо се раширила меѓу студентите и војниците. Алтенбург до денес е главен град на скатот. Тука постои „Меѓународен скат-суд“ кој ги надгледува правилата и донесува одлуки во случај на спор.
Не лути се човече
Кон крајот на 19. век настапи ерата на германските производители на игри. Некои од нив постојат до денес, иако под други имиња. Измислени се многу нови игри, иако често врз основа на игра која веќе постоела. „Не лути се човече“, на пример, е малку изменета верзија на индиската игра пачиси од 6. век.
Извозен хит „Германски игри“
Друштвените игри служат не само за забава, туку и за проширување на хоризонтите на играчот. На пазарот, во 20. век, се појавија и игри низ кои што се учи. Во минатиот век почна и извозот на германски игри. Тие до ден-денес се омилени во странство.