1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјата под вода во Грима

Јенс Фалковски / Александра Трајковска6 јуни 2013

Градот Грима во Саксонија беше многу уништен при големите поплави во 2002 година. Сега тој е повторно поплавен. Улиците се полни со кал и наноси, куќите уништени. Но надеж има.

https://p.dw.com/p/18l9g
Фотографија: Vanessa Raab

„Има многу куќи каде ситуацијата за среќа е таква, што водата стоеше кратко пред да достигне висина која би можела да предизвика големо уништување“, изјави градоначалникот Матијас Бергер, враќајќи се од првата посета на погодените делови. Тој беше првиот кој можеше да се запознае со штетите кои ги предизвикаа поплавите во стариот град. Во моментов тој дел е се'уште затворен, а струјата и натаму е исклучена. Жителите не смеат да влезат во домовите. Дури откако центарот ќе биде безбеден, тие ќе смеат да се вратат во своите куќи. Улиците се полни со наноси и кал. Високиот водостој овде пренесе работи, кои ги откорна од друго место. Мостот над реката Мулде е полн со разнесени предмети. Пред влезовите на куќите се' уште има вреќи со песок.

Поплавите, меѓутоа, овојпат предизвикаа помали штети од пред единаесет години. Тогаш реката Мулде откорна цели делови од улиците. Грима тогаш беше најтешко погодената општина. Сликите од разурнатото од поплави мало мирно гратче со 30.000 жители тогаш го обиколија светот. Многуте донации и храбрите жители, уништените куќи потоа повторно ги претворија во убав и историски центар на градот.

Hochwasser Grimma
Поплави во ГримаФотографија: Getty Images

Штетите не се толку големи како во 2002

Историскиот центар на градот и овојпат е најмногу погоден од поплавите. Тој се наоѓа на најниската точка, директно на реката Мулде. Градоначалникот Бергер меѓутоа вели дека се чини дека на улиците овојпат нема големи оштетувања. Калдрмата меѓутоа е покриена со слој кал. Додека градоначникот и градската управа мораа да побараат привремено сместувалиште, во објектот на противпожарните служби, бидејќи градското собрание беше под вода.

„Најверојатно поради новите градежни супстанци како и понискиот водостој штетите не се толку високи како во 2002 година“, вели Матијас Бергер, барајќи ја причината зошто штетите овојпат се помали. Исто така водените маси овојпат не удрија со сета сила врз градот. Полошо беше за жителите, оти борбата со водата траеше подолго и беше понапорна, подвлекува Инес Боден, која работи во една пекарница и ги познава луѓето.

Меѓутоа многу штети неможат да се видат однадвор. Со вода се наполнија подрумите, но и и продавниците и становите на приземјата. Многу домови по само единесет години сега повторно мора да бидат комплетно санирани.

Hochwasser Grimma Deutschland
Поплави во ГримаФотографија: Vanessa Raab

Заштитен ѕид ќе ја запреше водата

„При поплава каква што имавме сега, доколку имавме заштита од висок водостој, водата немаше воопшто да се влее во Грима“, убеден е грдоначалникот Матијас Бергер. Еден ѕид, имено, треба да го штити центарот на градот од поплава. Тој е во изградба од 2007 година и треба да биде готов за четири години.

„Ќе биде потребна сила, но ќе успееме“, вели Инес Боден. За многу жители ова е вторпат нивните куќи да бидат поплавени. Можеби и затоа повеќето луѓе овде изгледаат мирно и покрај драматичната состојба. Тие трпеливо чекаат да им биде дозволено да влезат во домовите и го расчистуваат мокриот мебел на улиците. Повторната обнова ќе трае значително подолго.