Земан профитира од кризата во Чешка
13 август 2013Традиционалниот аџилак кон црквата Свети Лаврентиј е термин кој е обврзувачки за политичарите во Чешка. И претседателот Милош Земан се упати кон ридот Петрин каде што се наоѓа црквата, а потоа на врвот ја упати пораката до оние што останаа во Прага: „Немам причина да го одолговлекувам својот потпис за распуштање на парламентот.“
Доколку тоа се случи, би се отворил пат за предвремени избори. Но парламентот наредната недела прво мора да се самораспушти со двотретинско мнозинство гласови. Тоа би било изводливо само ако се постигне широк натпартиски консензус, јасно му е и на заменик претседателот на партијата на социјалдемократите Михал Масек: „По се‘ изгледа ќе има неопходен број гласови“, вели тој. „И комунистите и конзервативците од ТОП 09 ќе гласаат ЗА. За два месеца ќе се одржат нови избори во Чешка.“
Премногу моќ за Претседателот?
За консензусот што се наѕира од десно кон лево има една причина: сите три партии, според анкетите во моментов, се котираат најдобро кај избирачите. Поинаква е ситуацијата со партијата која долго време беше на власт - ОДС. По повеќе корупциски скандали таа во моментов одвај го минува прагот од пет проценти. Новиот носител на надеж на партијата, Мирослава Немцова, затоа го критикува најавеното самоубиство на парламентот: „Ако парламентот се самораспушти, власта ќе биде во рацете на претседателот. Би рекла дека тој тогаш би имал речиси апсолутна власт.“
Ваквата загриженост е присутна и кај многумина независни набљудувачи во Чешка. До можни нови избори преодната влада би ја вршела должноста, а претседателот би го искористил тоа време за да ја промени земјата според сопствени претстави, стравува новинарот Мартин Шабу: „Тежиштето на моќта се префрла во рацете на Милош Земан. Тој и неговите луѓе во преодната влада се повешти од политичките партии.“
Само за неколку недели по стапувањето на власт преодната влада успеа да смени комплетно раководни тимови на голем број институции и државни претпријатија. Сега на клучни места во управата седат главно приврзаници на партијата на Земан. Експертот по Уставно право, Јан Лангмајер, затоа, не е единствениот кој се сомнева во зборовите на претседателот Земан дека сака да овозможи нов почеток: „По распуштањето на парламентот нема прецизен рок за претседателот за распишување нови избори. Тоа може да се одлоговлече со месеци, што би било грубо кршење на Уставот.“
Во повеќето медиумски коментари, во меѓувреме, се оценува дека далечната цел на Земан е создавање претседателски систем во Чешка.