1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелено светло за хомо-браковите во Велика Британија

ЖА/дв/афп/дпа22 мај 2013

Долниот дом на британскиот парламент го отвори патот за воведување брак на хомосексуалците во Англија и Велс. Денеска за законот ќе гласа и Горниот дом на парламентот.

https://p.dw.com/p/18bo6
Фотографија: BEN STANSALL/AFP/Getty Images

Британските пратеници го поддржаа вчера (21.05.2013) законот, со кој се дозволуваат еднополовите бракови. Нацрт-законот го поддржаа 366 пратеници, а „против“ гласаа 161 по третото и последно читање.

На почетокот на дебатата конзервативците предложија измени, што претставуваше закана да се забави, па дури и да не успее усвојувањето на законот. Сепак тие успеаја да се договорат со лабуристите за измените и законот беше одобрен. Нацрт-законот денеска треба да биде разгледан во Горниот дом на Парламентот, Домот на лордовите, а конечната одлука ќе биде донесена на почетокот на јуни.

Британскиот премиер Дејвид Камерон исто така се изјасни за новите правила, иако кај неговите гласачи тоа веројатно нема да наиде на добар прием, што може да го чини значителна загуба на гласови на парламентарните избори во 2015 година.

Во Велика Британија уште од 2005 година за еднополовите парови постои можност за склучување партнерство со привилегии слични на брачните. Новиот закон сега овозможува хомосексуалните парови да можат да склучат брак како цивилно, така, ограничено и црковен, доколку на тоа не се противи соодветната црква.

Во доминирачката Англиканска црква меѓутоа хомо-браковите и натаму остануваат забранети. Англиканските дозволуваат истополови партнерства, но не и официјализирани, ниту склучување брак.