1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелено светло за банкарскиот надзор

ЕМФ/ард12 септември 2013

Европскиот парламент го отвори патот за заеднички европски банкарски надзор. Пратениците во Стразбур дадоа согласност за создавање надзорен орган под капата на ЕЦБ.

https://p.dw.com/p/19gXr
Фотографија: Fotolia/Xuejun li

Според наводи на Европската централна банка, надзорниот орган, таканаречениот Supervisory Board, ќе биде подготвен да дејствува за околу една година и ќе ја преземе контролата врз работата на околу 130 најважни банки во еврозоната. Со тоа би требало да се спречи банките кои се во лоша состојба да ја доведуваат целата монетарна унија во криза.

Европскиот парламент во основа даде согласност за банкарски надзор уште пред летната пауза, но го одложи завршното гласање со кое новото правило стапува во сила. Причина за тоа беа разликите со ЕЦБ околу обврската за поднесување извештај пред Парламентот. Дури по неколку разговори претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и шефот на ЕЦБ Марио Драги ги надминаа несогласувањата по ова прашање.

Во вторникот (10.09) тие потпишаа спогодба која на ЕП му обезбедува увид во протоколите од седниците на планираниот нов орган за надзор. Шулц изјави дека е обезбедена редовна размена на информации меѓу новото надзорно тело и претседателот на надлежната комисија на ЕП.

Заедничкото тело за надзор, меѓутоа, е само прв чекор кон заедничка контрола на банкарскиот сектор. Спорно и натаму е прашањето кој ќе донесува конечни одлуки за процесот на санација, односно ликвидација на пропаднати банки, како и за заедничко осигурување на влоговите на штедачите во Европа.