1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зелената недела” потврден евергрин!

14 јануари 2010

Вечерва (14.01.2010) во Берлин стартува јубилејното 75-то издание на меѓународниот саем на земјоделско производство и прехранбена индустрија. Годинава се претставуваат 1.589 излагачи од 56 земји, меѓу кои и Македонија.

https://p.dw.com/p/LVP1
Фотографија: DW/ Padori

Меѓународниот саем на најновото во земјоделството, прехранбената индустрија и градинарството, „Зелената недела", со право може да се каже дека е евергрин, континуирано во топ-форма и мамка за Берлинчани и светот. А, почетокот на најпознатата изложба од овој тип беше во 1926-тата, во годината кога беше пронајдено металното шише за спреј и кога се роди Мерилин Монро.

Форум на дијалог

Од локална берза за земјоделски производи „Зелената недела“ прерасна во централен дијалог за врвните претставници на економијата. Ова е една страна од медалот. Втората е потрошувачот, вели Кристијан Геке од Берлинскиот саем.

Grüne Woche 2008 in Berlin Messe Spezialitäten aus Italien
Специјалитетите од светот ќе ги пренесат посетителите во кујните на сите меридијаниФотографија: AP

Од почетоците до денес, на „Зелената недела“ продефилирале над 75.100 излагачи од 120 држави и над 29,7 милиони специјализирани и приватни посетители. И годинава тука се очекуваат 400.000 гости и посебно 30-милионитиот посетител во долгата историја на изложбата, чиј земја-партнер годинава е Унгарија.

Посетителите ќе имаат прилика да го доживеат земјоделското производство и најновите достигнувања во вистинската смисла на зборот. Тука ќе ги има најдобрите раси крави, коњи, овци, но и аквариум со 15.000 литри вода и најразлични риби, од пастрмка до јагули. Цела една хала ќе биде градина со над 1.000 рози, 500 лаванди и 250 јасмини, орхидеи и други цвеќиња со опојни мириси. Република Македонија годинава се претставува во халата 18. Акцентот е ставен само на виното кое ќе биде понудено на продажба.

Климатските промени и земјоделството

За експертите, во текот на десетте дена, ќе се организираат над 300 конференции и семинари за што Герд Зонлајтнер, претседател на Здружението на земјоделските производители на Германија, вели дека со оглед што заштитата на климата, обезбедувањето храна и енергијата се најголеми предизвици на нашето време, овие теми и ќе се најдат во центарот на екпертските дискусии. Конкретно, заштитата на климата е во средиштето и на министерската конференција и на саботниот стопански форум. Речиси 60 министри ќе учествуваат на оваа средба.

BDT Deutschland Grüne Woche 2007
Една од најатрактивните и годинава ќе биде халата со цвеќињаФотографија: AP

И на земјоделството, како и на севкупното светско стопанство, лани не му одеше најдобро. Забележан е пад од 5 проценти, кој кога ќе се спореди со другите индустриски гранки, е и поднослив. Јирген Абрахам ,претседател на Здржението на потрошувачите, смета дека и во 2010 година нема да има големо опоравување на земјоделството. Подобрувања ќе има во третиот и четвртиот квартал, што значи овие месеци нема да бидат лесни ниту за земјоделството, ни пошироко за целокупното стопанство.

Затоа сите што сакаат и очекуваат да биде подобро ќе бидат во Берлин - да ги одржат контактите и да се договорат како натаму!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска