1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зелената недела“ без македонско вино и политика!

24 јануари 2011

Македонија нема свој штанд на саемот „Зелена недела“. Во Берлин престојуваше министерот за земјоделство Љупчо Димовски, кој разговараше за извозот на земјоделски производи, но не и за спорниот проблем со виното.

https://p.dw.com/p/QuTe
Министерот Љупчо ДимовскиФотографија: Silvera Padori-Klenke

Присуството на Македонија на најголемиот саем на земјоделско производство и прехранбена индустрија „Зелена недела”, или како го нарекуваат, „јануарски ресторан на светските кујни” е по принципот: „топло - ладно“, односно нема континуитет. По ланската успешна презентација, годинава пред илјадната публика го нема ниту македонското вино, ниту пак ајварот и сирењето.

Во Берлин престојуваше само министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, кој за отсуството на Македонија и пропуштената можност земјата да се промовира кажува: „Министерството многу рационално се однесува со средствата што му се дадени на располагање. Лани имавме штанд, но годинава заради немање средства, односно нивно пренасочување одлучивме да изостане организирањето на штандот”.

Димовски во текот на тридневниот престој во Берлин оствари повеќе средби со партнерите од регионот, но и со колегите од Австрија, Естонија, Молдавија, Португалија и Уругвај. Се разговарало за зголемување на пласманот на македонските аграрни производи.

Lebensmittel Gemüse Möhren Paprika Tomaten und Aubergine
Фотографија: Fotolia/Olga Lyubkin

„Проектот, што упорно министерството и владата го реализираат, е подигнување на откупни дистрибутивни центри. Ние сакаме странските инвеститори, кои се заинтересирани за откуп на македонските производи, да бидат на лице место присутни, да го олеснат процесот на откуп. Односно, непосредно да се поврзат со земјоделците од Македонија и на посебните пунктови каде ќе има системи за калибрација и допакување, да биде олеснет пристапот на европските потрошувачи до македонските земјоделски производи”, изјави за македонската програма на Дојче веле Љупчо Димовски.

За пласманот на виното немало конкретни разговори

Grüne Woche Berlin
Заради политиката, ќе остане ли македонското вино „заробено“?Фотографија: DW

Во неформалните средби со домаќините министерот планираше да го актуелизира проблемот со пласманот на македонското вино на овој пазар. Меѓутоа, поконкретни разговори за оваа тема воопшто и немало. Инаку, извозот на македонско вино во Германија моментно не е блокиран, но не е ни целосно олабавен. Се одвива благодарение на интервенцијата на Асоцијацијата на германските трговци со вино, која помогнала проблемот до некаде да се надмине. Мора меѓутоа да се има предвид дека конечното решение го чекаат и германските партнери. Тие ги почитуваат европските закони, но не е исклучено во случај на проблеми и традиционалните увозници на македонско вино да побараат нови партнери кои ги има премногу, а не се комплицирани.

„Проблемот етапно ќе биде решаван. Преку директни разговори, преку потпишување на винскиот протокол, преку убедување на наши експерти кои ќе се трудат максимално сето она што е во прилог на Македонија да го презентираат, со што ќе биде надминат и проблемот”, оптимист е министерот Димовски.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска