1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемениот извоз го намали дефицитот

БГ/макфакс4 октомври 2013

Република Македонија во надворешно-трговска размена во првите осум месеци од годината го намалила дефицитот за 66,6 милиони долари во однос на истиот период лани, што се должи на порастот на извозот.

https://p.dw.com/p/19tjz
Фотографија: Fotolia

Според податоците што Државниот завод за статистика ги објави денеска (04.10), вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-август 2013 година, изнесува близу 2,73 милијарди долари, што е за 146,4 милиони долари повеќе во однос на истиот период од минатата година. Истовремено вкупната вредност на увозот достигнала 4,25 милијарди долари, што е за 79,8 милиони долари повеќе во однос на лани.

Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,1 отсто, додека во периодот јануари-август 2012 година изнесувала 61,8 отсто. Трговскиот дефицит изнесува 1,52 милијарди долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.

Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија (49,9 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).