1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

221210 Jugendsprache

13 април 2011

Наставниците „корнат коса“, родителите не го разбираат светот. Кога младите ќе си измислат свој јазик и така и зборуваат, се разбираат само тие меѓусебно. Другите не можат да „сконтаат“ никако за што се зборува.

https://p.dw.com/p/10o7U
Младешкиот сленг е дел од раснењето
Младешкиот сленг е дел од раснењетоФотографија: AP

Младешкиот сленг е дел од раснењето исто како и промената на гласот и акните на лицето. Се бара својот пат и се прават обиди за што поголемо оградување од родителите и наставниците.

„Тоа е толку станато дел од нас, што и не забележуваме. Кога разговарам со мајка ми, зборувам вака зашто сум навикнат на сленгот. Мајка ми понекогаш ме прашува: ’Што зборуваш?’ и кога ќе и‘ објаснам вели: ’Аха.’“ 15-годишниот Мануел тогаш се чувствува кул, зашто и не сака да биде разбран од родителите. Зборува за тоа како „му израснал клун“ и не се грижи за тоа дали неговите „стари“ „сконтале“ се‘ или не.

Само да не те разберат „старците“
Само да не те разберат „старците“Фотографија: PA/dpa

Ист е случајот и со 16-годишната Бузе: „Кога зборувам како моите другарки, родителите не ме разбираат.“

Другарката на Бузе, на пример, оди радо во студио за сончање, или како што самата гордо најавува, оди во „клап-фабрика“. А на луѓето кои се без работа и примаат социјална помош им е доделено името на смрдливо сирење. Тие се „харцери“. Прашањето: „Да не си мавнат со чорап?“ значи „Глупав си!“

Се‘ не разбираат дури ни сите млади

„Во Хамбург често велат ’дигер’, односно што правиш ’брат’, а во Келн се вели ’алтер’, или како е ’стари’? Тоа значи нешто како пријател. Младешкиот јазик делумно се учи и од песните на раперите, зборовите што ги употребуваме се учат од текстовите и затоа и ги знаеме повеќето зборови“, вели Мануел.

По завршувањето на часовите младите најмногу се занимаваат со „грушелн“ што значи се поздравуваат и гушкаат преку интернет, што и да замислуваат под тоа. „Едн“ значи да се внесе адреса во електронскиот адресар на интернет, а зборот „симсен“ денес го употребуваат дури и возрасните, зашто и тие испраќаат СМС-пораки.

На час се зборува „нормално“
На час се зборува „нормално“Фотографија: picture alliance/dpa

Сепак, има зборови кои не ги разбираат дури ни сите млади, признава Мануел. Човек сака да е кул, а сосема кул си ако употребиш сосема нов збор. „Тоа се прави или во четири очи, или на интернет. Ќе те прашаат - што зборуваш? И потоа тоа се шири натаму. Во секојдневието во оптек се зборови кои и самите не ги разбираме, но ги употребуваме. Понекогаш тоа не е кул, но повеќето од луѓето знаат што значи тој збор.“

Во училница се зборува „нормално“, надвор...

Педагогот Хелен Штрајх е наставник во келнското средно училиште на Рендсбургер плац. Таа често на одморите или во ходниците слуша реченици, чудејќи се што значи ова или она. Одамна престанала да се грижи што слушнала збор што не го слушната никогаш дотогаш и кој не стои во ниту еден речник. Тоа особено важи во случаите кога ученици со мигрантско потекло се расправаат, на пример. „Тогаш прашувам, ако не го разбирам зборот - прашувам. Пред наставникот главно се употребуваат нормални зборови и реченици, а потоа во училишниот двор се зборува на друг јазик.“

Доволни се три знаци за два збора, или уште помалку
Доволни се три знаци за два збора, или уште помалкуФотографија: Fotolia

Издавачката куќа „Лангеншајт“ издаде дури и лексикон на младешки јазик. Зашто како и секој моден тренд, и овој јазик се менува. Хелен Штрајх, која предава германски јазик, вели: „Јазикот се редуцира откако постои интернетот и откако се ’четува’ преку интернет. Исто така, дел од причините се и мобилните телефони, каде заборовите не се пишуваат комплетно и се пишува се‘ со мали букви. Нема ниту знаци во речениците, а кратенките се добредојдени. За два збора се доволни три букви.“

Автор: Петер Колаковски / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска