1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зборуваме половина македонски, половина албански“

3 февруари 2010

Анкета на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци покажува дека дури 70% од македонските граѓани сметаат дека е во пораст меѓунационалната нетрпеливост. Училиштето „Цветан Димов“ во Чаир го докажува спротивното!

https://p.dw.com/p/LqF0
Јазиците треба да бидат фактор на поврзување, не на делби

Кристина Пешевска е осмоодделенка во основното училиште „Цветан Димов“ во Чаир. Бидејќи живее во мешана етничка средина решила освен англискиот да го научи и албанскиот како втор странски јазик за да си го олесни другарувањето со децата Албанци.

„Не е многу тешко. Зборуваме половина на македонски, половина на албански. Се разбираме.“

Нејзината соученичка Лејла Ајдар е бошњачка. Таа исто така од пред неколку години по сопствен избор факултативно го учи албанскиот јазик.

„Јас сум осмоделенка и учам албански јазик од шесто одделение. Ако учите е лесно.“

Овие деца беа вклучени во промотивниот проект финансиран од норвешката влада како дел од акцијата за европска Македонија. Во зеднички мешани оддленија Македонците и Албанците двојазично учат по неколку предмети. Охрабрени од резултатите, меѓународните донатори решија да го прошират проектот во повеќе градови низ Македонија.

Настава на двата јазика

Директорката на „Цветан Димов“, Љуљета Керими е многу задоволна од проектот што, според неа, претставува потврда на соживотот и толеранцијата што се негува во училиштето.

Grundschule im Dorf Osmace Bosnien nähe Srebrenica
Децата се разбираат и другаруваат кога го знаат јазикот на другиотФотографија: DW

„Настава се одвиваше на двата јазика. Секој си го зборуваше својот јазик. Нашите деца се дружат. Нема проблем. И важно е да се истакне дека во нашето училиште се‘ уште полуматурските забави ги славиме заедно. Сите одделенија, и албански и македонски, слават заеднички.“

Дека странските јазици се богатство свесни се и возрасните. Токму поради тоа, наставничката по македонски Вањушка Миладинова решила да го научи јазикот што го зборуваат поголемиот број од учениците во ова чаирско училиште.

„Ние тука не сме дилетанти за албанскиот јазик. Со години комуницираме со децата. Имавме прекрасна наставничка која не‘ учеше од почеток.“

Младите можат да учат и излегуваат заедно, но политиката...

Атмосферата во „Цветан Димов“ е најверодостојна потврда дека младите во Македонија можат да учат и да излегуваат заедно. Расположени се да го научат јазикот што го зборува нивниот сограѓанин од различна етничка заедница. Свесни се дека така полесно ќе се разберат и уште повеќе ќе другаруваат. Така на терен се негува соживотот. Се‘ додека политиката не реши поинаку. Кога на политичарите ќе им затреба нервоза на меѓунационална основа идиличната слика во образованието брзо се менува. Младите се најподложни на манипулација, а образованието е сфера која најлесно се злоупотребува. Најновото истражување на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци покажува дека дури три четвртини од граѓаните сметаат дека е во пораст меѓунационалната нетрпеливост. Зачестените инциденти во мешаните училишта секако влијаат врз резултатите објавени вчера, според кои меѓуетничките односи во Република Македонија се многу лоши.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска