1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зборуваат ли Србите албански, а Албанците српски?

Рефки Алија / Елизабета Милошевска Фиданоска6 јули 2012

Албанскиот и српскиот јазик се официјални јазици во Косово. Што мислат за српскиот јазик младите Албанци, а што Србите за албанскиот? И што би требало да се направи за да се разбијат јазичките бариери?

https://p.dw.com/p/15SBX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Младите Срби јужно од Ибар од ден во ден се се‘ попрагматични. Сфаќаат дека познавањето на албанскиот јазик е предност, но и нужност за да опстанат, да тргуваат или да најдат работа во косовските институции. Дамир Стоиљковиќ од Штрпце, студент на трета година по историја на универзитетот во Митровица не знае албански, но би сакал да го научи.

„Јас би се пријавил кога би се организирале крусеви по албански. На тој начин прво себеси се унапредувам како личност, а второ тоа за работата е многу важно. Ако знаеш српски, албански, англиски, работата ти е гарантирана 95%“, смета Стојиљковиќ.

Слично мисли и Дејан Влајковиќ, работник во новоформираната општина Клокот. Неговиот албански, но и албанскиот на мнозинството негови сограѓани не е доволен „ни за елементарна комуникација“. Од друга страна...:

„Албанците се многу повеќе заинтересирани за учење на српскиот јазик и многу подобро зборуваат српски отколку албански. Колку што сум запознат со курсевите, немало курс по албански. За тоа не постои некаков посебен интерес. Луѓето кои го познаваат албанскиот, тоа е само нивна добра волја да го научат јазикот“, вели Влајковиќ.

Спаса Андрејевиќ пред десетина години меѓу првите се вратил во Новаци, кај Призрен. Вработен е во општинската канцеларија за заедниците:

„Јас мислам дека многу добро го познавам албанскиот јазик и се гордеам поради тоа. Се‘ уште го учам и усовршувам, затоа што тое е потребно, не само затоа што живеам овде, каде и да сум. Колку јазици знам, толку вредам“, истакнува Андрејевиќ.

„Доволни ми се албански и англиски“

И Албанците размисливаат различно за познавањето на српскиот јазик. Најголем број млади не зборуваат српски, а постарите го научиле своевремено во војска, на работа, преку средствата за информирање или на училиште.

„Српски знам многу малку: ’Добар ден, како си’. Тоа го научив во Црна Гора кога бев бегалец за време на косовската војна. Ако ми притреба ќе го научам. Но Србите извршија геноцид над нас, Албанците“, вели Аљбан Круезиу, средношколец од Дечани.

Die Hand eines Lehrers mit der Schulglocke
Министерството за образование треба да си ги исполни задачите, вели социологот ХасаниФотографија: picture-alliance/dpa

„Не верувам дека треба да научам српски. Се знае што ни направија Србите и зошто би го учел нивниот јазик? Доволни ми се албански и англиски“, убеден е Адем Кучи, студент на Факултетот за бизнис во Пеќ.

Мислам дека треба да знам српски, треба да го учиме на училиште и на факултет. Кога ќе завршам со студии ќе работам во некоја информативна куќа, а не знам српски или други словенски јазици. Тоа нема да биде добро. Тоа за мене е голем минус, но не сум имала можност да го научам“, тврди Љиридона Круезиу од Урошевац, студент по новинарство на универзитетот во Приштина.

Задача за Министерството за образование

Социологот Исмаиљ Хасани корените за таквата состојба ги гледа во случувањата во 1990-тите и распадот на бивша Југославија. Според него, постои отпор и кај едната и кај другата заедница за изучување на „оној другиот“ јазик. За таквата сосотојба дополнителни проблеми се и... „Несогласувањата меѓу прилагодувањето на планот и програмата на Министерството за образование на Република Косово од една страна и она што планот на Марти Ахтисари им го овозможува на ентитетите - да имаат настава на своите мајчини јазици. Нема прилагодување на наставните планови и програми. Тука своите задачи треба да ги исполнат институциите, училиштата, а тоа е задача на Министерството за образование на Република Косово“, заклучува Хасани.