1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За само две недели втора фузија на банки во Германија

Ролф Венкел12 септември 2008

Дојче банк, најмоќниот приватен банкарски институт во земјата, имено денеска најави дека ќе ја купи Поштенската банка. Претходно на 1. септември Комерц банк најави преземање на Дрезднер банк.

https://p.dw.com/p/FH5a
Директорите на Дојче и Пост банк, Акерман и Апел, се ракуваат по постигнатата спогодба за фузијаФотографија: AP

Шефот на Дојче банк Јозеф Акерман никогаш не криеше дека Поштенската банка би била добродојдено надополнување на понудата на неговата банка во секторот на работа со приватни муштерии. Во прилог на таа проценка зборуваат и бројките: Поштенската банка има 14,4 милиони приватни штедачи и сопственици на банкарски сметки, што ја прави и најголема во тој сектор во цела Германија. Шефот на Комерц банк, Мартин Блесинг, кој пред само две недели го најави преземањето на Дрезднер банк, манифестираше респект и поддршка за чекорот на конкуренцијата:


„Го поздравувам секој чекор на консолидирање во овој сектор во Германија. За тоа зборуваме последниве 10 до 15 години, но практично гледано не се случуваше многу. Ова консолидирање сега може да биде на подолг рок од полза за сите, како за муштериите, така и за понудувачите на банкарски услуги“ – појасни Блесинг.


Дојче банк уште помоќна


Со оваа спогодба за преземање Дојче банк понатаму ја зацврстува водечката позиција во германската финансиска бранша. Според завршниот биланс таа е ионака двојно поголема и помоќна од втората банка по големина, Комерц банк. Но, на меѓународен план двете фузии не им помагаат многу на германските водечки банки. Дојче банк во светската ранг листа на банкраски институти го зазема 32. место, а Комерц банк дури 80-то. Тоа што германските банки можат да играат само во втората меѓународна лига, според нив, е последица на финансискиот систем на земјата. Во него имено има место не само за приватни делови банки, туку и за јавни банкарски институти, т.н. шпаркасе, како и за банкарски здруженија.


„Имаме многу голем државен сегмент во банкарскиот сектор, кој сочинува дури 40%.  Сеедно според кој критериум да го мериме, дали според количеството пари вложени за штедење, според обемот на кредити или пак според вкупниот биланс, околу 40 проценти од германскиот банкарски сектор е под државна капа“ – објаснува Манфред Јегер, експерт при Институтот на германското стопанство со седиште во Келн.


Проблем е системот


Ваквиот финансиски систем има предности и недостатоци. Меѓу недостатоците, кои се виновни за слабиот рејтинг на германските банки на меѓународен план, експертите го спомнуваат строгото разграничување меѓу трите сектора: деловните банки во приватна сопственост, јавните банкарски институти и банкарските здруженија. Меѓу нив имено не смее да има преземање.


Синдикалните организации во земјата, пак, стравуваат од масовни отпуштања и загуба на работни места. Според најавите, Комерц банк по фузијата со Дрезднер банк има намера само во седиштето во Франкфурт на Мајна да „заштеди“ околу 4.700 работни места.