1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За образование никогаш не е доцна

Антоанела Димитриевска3 август 2013

Преку 1000 македонски граѓани во средно доба во последниве години во рамките на програмата на министерството за образование започнале да студираат со надеж дека диплома ќе им биде предност на пазарот на труд.

https://p.dw.com/p/19JBu
Фотографија: Petr Stojanovski

Министерството за образование и наука три академски години успешно го реализира проектот 35/45 со кој високо образование во Македонија стекнуваат над илјада граѓани. Најмногу интерес имало за УКИМ посебно на Технолошко-металуршкиот и Педагошкиот факултет, но и на други факултети.

Велат за образование никогаш не е доцна, само е потребно да се има желба, но пред се' волја во повозрасни години да се продолжи да се учи, а само со упорност, учење и многу одрекувања можеш да се избориш за факултетска диплома.

Со проектот предвидено е тоа да се лица на возраст од минимум 45 години за мажи и 35 години за жени, со претходно завршено четиригодишно средно образование, кои имаат засновано работен однос на неопределено време или пак невработени кои најмалку пет години се пријавуваат во Агенцијата за вработување.

„Квотите се проектирани согласно со потребите на пазарот на трудот и бројот на невработени лица кои имаат завршено одредена средна стручна спрема“, појаснуваат од МОН за ДВ.

„Пример минатата година на Технолошко металуршкиот факултет во Скопје од предвидената квота од 60 слободни места, беа запишани 40 студенти, а на Педагошкиот факултет исто во Скопје, за 185 слободни места, се запишаа 95 студенти и.т.н.“ посочуваат од МОН.

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Ректорот на скопскиот универзитет ’Свети Кирил и Методиј’, проф д-р Велимир Стојковски  за ДВ оценува:

„Досегашните анализи покажуваат дека најголем број од пријавените кандидати се определуваат за студирање на општествените науки“.

Возрасните студенти високо мотивирани и упорни

Не е ни најмалку лесно после дваесетина години повторно да се земе учебник и да се' учи,  а како во тоа успеваат да се снајдат возрасните студенти над 40 - тата година од животот.

Еве што ни изјави една од нив, 44 годишната Сузана Шопова  вклучена во проектот, како вонреден студент на Факултетот за информатика при Универзитетот ’Свети Климент Охридски’ од Битола:

„Порано студирав на Економски факултет, но поради разни околности не го завршив. Со мојата сегашна работа во една приватна фирма ни најмалку не сум задоволна. Затоа решив повторно да учам и сметам дека Факултетот за информатика е вистински избор. На почетокот ми беше многу тешко, но упорна сум, учам напорно и нема да се откажам од студиите. Мојата цел е што поскоро да дипломирам, а потоа се' надевам ќе најдам и подобра работа“, потенцира Шопова.

Проф д-р Зоран Велковски од Филозофскиот факултет при УКИМ, за ДВ вака ни ги опишува овие студенти:

„Најчесто имаат изгубени навики за учење и им треба дополнителен напор за учење кој го покриваат со  извонредно висока мотивација. Тие се редовни на предавањата и често повеќе активни од редовните студенти. Дисциплинирани се' и многу благодарни за работа. Не се' одликуваат со високи оценки, но не се' ниту слаби студенти“ .

Studenten - Uni Skopje
Фотографија: MIA

Од МОН очекуваат зголемување на интересот за студирање

 За претстојната академска 2013/2014 година, МОН на четирите државни универзитети: во Скопје, Битола, Тетово и Штип, деновиве ќе распише конкурс за вкупно 810 слободни места.

„Изминатите години искористеноста на квотата беше од 40-50 %, а оваа академска година  очекуваме интересот да биде уште поголем“ , потенцираат од МОН.

.

.