1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За новинарите станува екстремно тешко

7 јули 2011

Шоун Џонс од „Амнести Интернешнл“ за ДВ истакнува дека секој во Македонија треба да има право да го изрази мислењето во медиумите без да се соочува со закани и обвинувања.

https://p.dw.com/p/11qUg

„Амнести Интернешнл“ стравува од целосна репресија на слободата на говор во Македонија. Европската комисија, Меѓународната асоцијација на новинари, ОБСЕ и други меѓународни организации, вклучувајќи ја и „Амнести Интернешнл“, забележуваат влошување на состојбата со медиумите во минатата година. Шоун Џонс, аналитичарка во „Амнести Интернешнл“ одговорна за Македонија и Србија, за Дојче веле коментира дека станува екстремно тешко за новинарите кои ја критикуваат Владата.

„Исто така знаеме дека во минатите неколку години, господинот Груевски ја зголеми контролата на пристапот до медиумите. Одредени омилени новинари се во состојба да добијат информација дирекно од Владата. Се чини од нашите истражувања, но исто така и од разговорите со новинарите во Македонија, дека тие стравуваат оти може да има целосна репресија на нивната слобода на изразување“, забележува Џонс.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje
Фотографија: AP

Напади врз плурализмот на медиумите

Критиката на Владата е дел од здравото општество и тоа е сигнал дека има гаранција на човековите права, бидејќи различни гласови ќе може да се чујат, додава Џонс. Македонската влада повеќепати оцени дека има слобода на медиумите во земјата, поради нивниот број. Ставот на „Амнести Интернешнл“ е поинаков.

„ Мислам дека во минатата година видовме напади на тој плурализам. Има новинари кои се критичари на власта и се плашат дека со мерките кои се спроведуваат, вклучувајќи ги и овие обвинувања и процеси, се ограничува слободата на изразување. Затоа, ќе му кажам на господинот Груевски – Ве молам осигурајте дека нема да има други напади на слободата на новинарите, за да известуваат и нивните погледи да бидат познати, иако тие се во контрадикција со Владата, бидејќи тоа е знак на здрава ситуација со човековите права. Така што, ако господинот Груевски е посветен на плурализмот, тогаш има мерки кои може да ги преземе за да осигура дека слободата на изразување продолжува“, порачува Шоун Џонс од „Амнести Интернешнл“.

Mazedonien Presse TV Sender TV A1 in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Криминалот на суд без да се наруши слободата на изразување

Забелешките за критиките за состојбата со медиумите во Македонија стојат запишани во извештаите на меѓународните институции и организации. Се чини дека со текот на годините заземаат се поголем простор. Џонс очекува зголемен притисок, доколку работите не се променат.

„Мислам дека ако ситуацијата не се промени, тогаш ќе има зголемени барања најпрво од домашните организации за човекови права, но и од меѓународните организации за човекови права и медиуми до Владата, а тоа секако е и на радарот на Европската комисија, и очигледно има влијание на начинот на кој пристапуваат кон членството во ЕУ. Како што знаеме, Копенхашки критериум е дека човековите права треба да се гарантираат, а слободата на изразување е едно од најзначајните човекови права што може да ги имаме“, нагласува Џонс.

Од „Амнести интернешнл“ велат дека доколку има криминални активности во медиумите, тогаш треба да се спроведе судски процес, но притоа да не се нарушува слободата на изразување. За говорот на омраза или расизам има соодветни мерки за санкционирање, а за критиките на власта треба да има простор во електронските и печатени медиуми, забележуваат од „Амнести Интернешнл“.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема