1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За лустраторите не се важни ликот и делото на Славко Јаневски

Б.Г./макфакс/миа1 јули 2013

Лустраторите остануваат на одлуката дека писателот Славко Јаневски бил соработник на тајните служби, и покрај тоа што тој е починат. Комисијата не ја интересирал профилот и значењето на лустрираните лица.

https://p.dw.com/p/18z7w
Фотографија: Getty Images

Комисијата за верификација на фактите и покрај реакциите во јавноста не ја повлече својата одлука, останува на заклучокот дека македонскиот писател, автор на првиот македонски роман, „Село зад седумте јасени“ и член на Македонската академија на науките и уметностите, Славко Јаневски бил соработник на тајните служби.

„Со целиот респект кон личностите и институциите по повод одлуката на Комисијата од 28.06. 2013 година, нивните ставови се без познавање на фактите и ги отфрламе како неаргументирани“ велат од Комисијата. Против оваа одлука на Комисијата бил единствено, членот на Комисијата Чедомир Дамјановски.

Портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски вели дека пристап до документите на лустрираните имаат самите тие, нивните роднини по права линија до второ колено или некое друго лице кое тие го овластиле. Од Комисијата велат дека, нив како институција не ги интересира професијата, големината, профилот и значењето на лицата што се лустрирани, и не ги прифаќаат обвинувањата дека тие го сквернават македонскиот идентитет.

Illustration, Behörde für die Aufarbeitung der kommunistischen Vergangenheit in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

На одлуката на Комисијата реагираше Друштвото на писателите на Македонија и голем број академици, како и семејството на Јаневски. ДПМ соопшти дека со огорченост ја отфрлаат апсурдната одлука на Комисијата за верификација на фактите со која писателот Славко Јаневски е прогласен за соработник на тајните служби.

„Друштвото на писателите на Македонија бара одговорност поради овој антиуставен чин на Комисијата за верификација на фактите, која посегна по една од најсветлите личности на современата македонска литература и култура, надвор од нормите што ги подразбира Законот за лустрација. Во спротивно, ДПМ овој чин ќе го толкува како тенденција за бескрупулозно газење и рушење на темелните вредности на македонската национална култура - се наведува во реакцијата на ДПМ.

Документите според кои Јаневски е прогласен за кодош нема да бидат јавно објавени на интернет страницата на Комисијата, бидејќи се работи за починато лице.

Од одлуките на Комисијата за лустрација останува нејасно зошто воопшто се лустрираат починати лица, кога една од основните поенти на процесот е лицата кои соработувале со тајните служби да не смеат во иднина да вршат јавни функции.

Македонската академија на науките и уметностите во денешното соопштение ја
оценува постапката на Комисијата за верификација на факти против
академик Славко Јаневски како удар однатре врз македонскиот национален
идентитет, уставниот и правниот поредок на Република Македонија. МАНУ бара
Комисијата да ја поништи донесената одлука, иако, како што наведува во
дописот до медиумите, тоа нема да биде доволно за да се поправи нанесената штета. На одлуката на Комисијата реагираше и Друштвото на писателите на
Македонија, како и семејството на Јаневски.