1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Борисов, Македонците се најбратски народ на Бугарите

ЖА/макфакс17 јануари 2013

Во интервју за бугарската телевизија ТВ+, Борисов, иако незадоволен од македонската политика кон Бугарија, вели дека не е грешка што неговата земја ја признала Македонија под уставното име.

https://p.dw.com/p/17Lnk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонците се најбратски и најблизок народ на бугарскиот, порачува бугарскиот премиер Бојко Борисов. Во интервју за бугарската телевизија ТВ+, Борисов, иако незадоволен од македонската политика кон Бугарија, вели дека не е грешка што неговата земја ја признала Македонија под уставното име.

„Тие се нашиот најбратски народ, нашиот најблизок народ и тоа беше еден прекрастен гест кон нив. Жалам што таму има политичари кои тоа го забораваат и не го ценат“, изјави Борисов.

„Тие се различен народ од нас од проста причина што се различна држава, тие се македонски граѓани, ние сме бугарски граѓани“, вели Борисов.

На ова водителот упатува потпрашање: „Но дали се различен народ?“, а

Борисов одговaрa: „Па, би требало“.

Прашан како Бугарија би се поставила кон евентуално решение на спорот за името со Грција, во кое би било содржана географска одредница, Борисов изјави:

„Зависи која ќе биде географската одредница“.

„Не сакам да говорам за таа тема, затоа што може да се шпекулира. Ние ја признавме Македонија како држава, и‘ помагавме повеќе од сите, ја поддржавме за сe‘ и се надевам дека Македонците ќе го препознаат тоа и треба да знаат дека добрососедството е една од главните работи во ЕУ“, вели Борисов.

Прашан за помошта што ја побара од Бугарската академија на науките во однос на прашањата со Македонија, Борисов вели дека тоа е во функција на утврдување на вистинските факти. Во тој контекст вели дека во време на комунизмот, Бугарите во Пиринска Македонија сосила биле терани да се декларираат како Македонци. Говори за бројка од 300.000 граѓани, меѓу кои посочува и на таткото на актуелниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.

„Сега некои политичари во Македонија може да кажат дека бугарскиот претседател е Македонец. Не им текнало“, смета Борисов.

Toj порачува дека, наместо кон историјата, Македонија и Бугарија треба да се фокусираат на економската соработка и инфраструктурното поврзување.

„Што му пречи на македонскиот премиер да се качи на авион и да дојде“, прашува Борисов. Тој го повтори и ставот дека декларацијата од 1999 година треба да прерасне во меѓудржавен договор.