За Анкетната комисија и Деловникот - наредната недела
18 јули 2010Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски денеска (18.07.2010) во Охрид рече:
„Парламентот има капацитет да излезе со решение. Имам намера до крајот на претстојната недела да свикам нова седница со две точки: Формирање Анкетна комисија и Деловник. Убеден сум дека политичките партии кои се учесници во преговарањето по двете точки, со моја помош дека ќе изнајдат решение да ги изгласаме, првенствено во интерес на граѓаните на Македонија. Не сакам да поверувам дека некој би работел против интересите на граѓаните и оттука мојата убеденост дека до крајот на неделата ќе испорачаме цела, комплетна позитивна слика за Република Македонија и на тој начин ќе го испишеме позитивно извештајот за Република Македонија“, рече Вељановски.
Евроамбасадорот Ерван Фуере, кој денеска исто така беше во Охрид, повтори дека дијалогот е решение за проблемите и подвлече дека ЕУ очекува несогласувањата да бидат надминати:
„Со добра волја и флексибилност може да се надминат недоразбирањата, а во таа насока е и улогата на претседателот на Парламентот, да го искористи позитивниот дух во изнаоѓањето компромис“, порача Фуере.
Тој потсети дека евентуално постигнат компромис наредните денови ќе помогне за обновувањето на политичкиот дијалог, за кој потсети дека бил на мошне високо ниво минатата година, а воопшто не функционира од почетокот на оваа година.
„Апелираме до политичките партии да изнајдат компромисно решение наредните денови, за Македонија да добие позитивна оценка на престојниот Советот на министри на Договорот за стабилизација и асоцијација, што ќе се одржи на 27 јули“, рече Фуере.
Автор: МЈ/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска