1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зачестени средби, непроменети ставови за името

26 март 2010

Нема промени на ставовите за името по одржаната средба на македонскиот и на грчкиот премиер, Никола Груевски и Јоргос Папaндреу. Атина во моментов има други грижи, економската криза.

https://p.dw.com/p/Mck2
Јоргос Папандреу и Никола ГруевскиФотографија: MIA

И покрај зачестените средби, Македонија и Грција не успеваат да постигнат напредок во спорот за името.

Премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу одржаа кус тет а тет разговор во срцето на Брисел, но од него не изглегоа променети.

Иако ниедна од двете страни не сакаше да соопшти детали од разговорите, и двете страни барем беа сложни дека остануваат на истите позиции.

За средбата на двајцата премиери информираше македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски:

“Она што може да го истакнеме е дека позициите и на македонската и на грчката страна остануваат различни во најголем дел, но сепак е добро што на вакви средби имаме можност да дискутираме за позициите и за целото прашање. Сметаме дека таквите дискусии и дијалози можат да придонесат значително во поголемото разбирање, подобрата атмосфера и евентуално кон одреден напредок и приближување“.

Задоволство од зачестените средби

Европската Унија, која од Македонија очекува решение за спорот со името до јуни годинава, покажува обновен интерес за грчко-македонскиот спор, рече македонскиот премиер Груевски пред да замине на средба со својот грчки колега Папандреу, но очигледно тоа не беше доволно за да се поместат работите од мртва точка.

Грчки извори во Брисел за Дојче веле пренесуваат дека грчката порака до јавноста е слична на македонската – Атина е задоволна што средбите се зачестени и се надева на уште вакви средби во иднина, но приближување во разликите за спорот со името нема.

Атина има други грижи

Едно е сигурно, Атина, која се наоѓа во исклучително тешка економска криза, има други приоритети во моментов, а името не е еден од нив.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Дводневнит самит на ЕУ (25 и 26.03.2010) и‘ е речиси целосно посветен на Грција и евентуална финансиска помош од европските партнери.

Грчката криза би можела да се одрази и врз Македонија, призна вчера Премиерот Груевски.

“Доколку работите одат и понатаму кон влошување на состојбата на економијата во Грција, се разбира ќе има консеквенции и на нашата економија“.

Професорот по економија и поранешен член на словенечкиот преговоарачки тим за ЕУ, Мојмир Мрак коментира дека Македонија не треба да паничи, но не треба ни да го потценува можниот негативен ефект

“Не би рекол дека ќе се повлечат инвеститорите, но проблем е што нема да доаѓаат нови или ќе бидат многу поселективни. Треба да се биде внимателен. Македонија е релативно мала земја, не и‘ требаат милијарди инвестиции, така што не би правел преголем негативен ефект, но дека ќе има неповолно влијание, тоа не смее да се изгуби од вид. Едноставно, потрошувачката во Грција ќе се намали, ќе има влијанија“.

Иницијативата во рацете на Скопје

Според европските дипломати, Македонија е таа која треба да даде поактивен импулс во решавањето на спорот за името.

Економските проблеми кои ја тресат Грција се дополнителна причина Атина да го држи македонското прашање на дното на агендата, смета Брисел. Во моментов Скопје има интерес и моќ да ги придвижи работите.

Европската Унија лани во декември на Македонија и‘ даде рок од шест месеци да го реши проблемот, за да може да ги започне преговорите за членство.

Надежите на македонската страна да добие зелено светло за преговори без решено име се сведени на минимум, оценуваат европските дипломати.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема