1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затоплување на односите меѓу Кина и Тајван?

Жанг Дахонг 7 ноември 2008

Тајван е задоволен од посетата на високата кинеска делегација. Но, во островската земја не се сите воодушевени од подобрувањето на меѓусебните односи.

https://p.dw.com/p/Fp6q
Тајванскиот претседател Ма Јинг Јо (десно) и шефот на кинеската делегација Чен Јунлин во ТајпејФотографија: AP

Историската средба меѓу тајванскиот претседател Ма Јинг Јо и кинеската делeгација траеше само пет минути. Беа разменети учтиви гестови и подароци. Првиот човек на високата кинеска делегација Чен Јунлин го изненади Ма со уметничка слика со мотив на коњ. Всушност името на тајванскиот претседателот Ма на кинески значи коњ. За тајванскиот претседател посетата на високата кинеска делегација беше многу успешна. „Силно сум уверен дека ваквиот развој на настаните ги одразува очекувањата на луѓето од двете страни на границата и ќе биде придонес кон стабилноста и просперитетот.“

Претседателот Ма се заложи за подобрување на односите со Кина

Кога Ма Јинг Јо зборува за стабилност, тогаш тоа не е флоскула. Уште пред осум месеци се шпекулираше дека може да избие војна меѓу двете државни творби. Наводно поранешниот тајвански претседател Чен Шуибиан сакал да ја искористи олимписката година како последна шанса за да го оствари сонот за независност. Според него Пекинг сигурно немаше да сака да влегува во војна во време на подготовки на Олимписките игри.

Но, кинеската влада не го одолговлекуваше одговорот: Тајван ни е поважен од Олимписките игри. По осумгодишното владеење на партијата ДПП, односите меѓу Кина и Тајван на почетокот на 2008 година паднаа на најниско ниво. Промената дојде во март, кога кандидатот на Куоминтангот, Ма Јинг Јо убедливо победи на претседателските избори. Тој веднаш се заложи за подобрување на односите со Кина.

Taiwan Tapei Straßenszene
Затоплувањето на односите треба да донесе подобар живот на обичните луѓеФотографија: AP

Експертите не очекуваат брзо обединување

Иако од стапувањето на функцијата на новиот тајвански претседател има голем напредок на овој план, експертот за Тајван од Универзитетот во Келн, Др. Херман Халбејсен смета дека нема наскоро да дојде до повторно обединување. Според него двете страни прво сакаат повторно да воспостават меѓусебна доверба. “За да дојде до такво нешто на почетокот мора да се зборува за непроблематични прашања за постепено да се дојде до темата обединување“, смета Халбејсен.

Чуствителните теми се избегнуваат

Со други зборови, политичките теми не се на дневен ред. Тоа го потврди и шефот на кинескиот преговарачки тим по пристигнувањето во Тајпеј: „Нашата задача овој пат е јасна и едноставна: ќе зборуваме само за теми кои се од корист за луѓето од двете страни на границата. Нема да мешаме никакви политички теми и нема да се мешаме во политиката на островот.“

И навистина страните го почитуваа овој договор. Чен Јунлин и тајванскиот колега Чианг Пин Кунг потпишаа договор за зголемување на бројот на патници и летови, како и за воспоставување директни бродски линии. Стана збор и за соработка и во доменот на заштитата на храна и поштенските работи. Чуствителни прашања како безбедноста или статусот на Тајван не беа спомнати.

Chinas Top-Gesandter von Demonstranten in Taiwan im Hotel belagert
Тајванската опозиција одржа антикинески протестиФотографија: AP

Но, новиот пријателски курс на Пекинг е трн во окото за тајванската опозиција. Екс-претседателот Чен Шуибјан изјави дека со поканата на кинеската делегација новиот претседател го „распродава“ Тајван. Истовремено приврзаниците на неговата партија ДПП одржуваа демонстрации. Затоа за безбедноста на кинеската делегација беа ангажирани 7000 полицајци.