1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворска библиотека – библиотека на годината во Германија!

26 октомври 2007

Мала сензација: наградата на Здружението на германските библиотеки и фондацијата “Цајт” за библиотеката на затворот во Минстер, во конкуренција на Универзитетската библиотека од Карлсруе и Градската библиотека од Минхен!

https://p.dw.com/p/BwwR
Книгата и на затворениците им го разубавува живототФотографија: DW

Просторија од 70 квадратни метри - сив тепих на подот, таванот насликан со зелени листови, како надоврзување на бршленот од надворешниот ѕид, регали полни со книги и маса за библиотекарот и двајца помошници. Да не се тешките железни решетки на прозорците и светларникот, човек би заборавил каде се наоѓа. Двајцата во сина облека се затвореници кои издаваат и заменуваат книги, ги дотеруваат оштетените книги. Зад нив полица со правна стручна литература. Библиотеката е поделена според повеќе области. Има и каталог за литература што може да се нарача.

Изборот од книжниот фонд на библиотеката е слободен. Тоа беше пункт што посебно го убеди жирито за доделување на наградата, дотирана со 30 илјади евра, вели Барбата Шлајхаген, раководител на Здружението на германските библиотеки. “За жирито беше важна насоченоста спрема потребите на корисниците и дека тоа е воопшто можно и во казнена установа од затворен вид – сеопфатната презентација на книжниот фонд, земањето предвид дека тука има затвореници од 50 земји. Книжен фонд на 30 јазици не е вообичаена работа".

41-годишниот затвореник Оливер О, од одделот за нарко-деликти, од искуство знае дека примерот од затворот во Минстер е исклучителен – претходно беше в затвор во Бохум. “Таму нема вакво нешто. Во ќелијата добиваш каталози, од нив можеш да нарачаш 30 книги и еднаш неделно ти ги носат тие што стојат на располагање, без притоа воопшто да излезеш од ќелијата”.

На тој систем во Минстер му го спротивставија својот концепт. Раководителот на затворот Марија Лок нагласува: “Лично бев заинтересирана за тоа, оти е важно затворениците да излезат од тесните затворски простории. Ќелиите во затворов, еден од најстарите во Германија, се од 8 квадратни метри. За затворениците е позитивно доживување да се најдат во овој пријателски свет, да согледаат дека иако се затвореници, има и одредени слободни простори што можат да ги користат”.

Криминалните романи омилени кај затворениците

Концептот се докажа – 80 насто од вкупно 530 затвореници се корисници на библиотеката. “За мене ова е нов свет. Јас сум градежен и мебел-столар и тоа не ме интересираше. Не знаев, на пример, ни да стартувам компјутер. Романи не читам, туку само стручни книги. Имам семејство, дома немав време за читање” – кажува затвореникот Паул П.

Во меѓународни рамки Германија не е предводник кај затворските библиотеки, туку Холандија и скандинавските земји. Но, и овде нешто е променето. На почетокот на 19-от век во затворските библиотеки имало само книги со поучни и религиозни текстови – литературата не требало да има забавна, туку поучна функција. Во 20-от век се водеше спор дали треба да бидат дозволени еротски и криминални романи.

Сега, всушност, и за затворските библиотеки важат истите дозволи и забрани, како и за обичните, вели библиотекарот од затворот во Минстер Герхард Пешерс. “Не се дозволени книги од саентологија. Се разбира, не сакаме ни книги со описи на оружја, предмети и техники што ја загрозуваат безбедноста, како ни порно- или деснорадикална литература. Криминалните романи од нашиот книжен фонд се многу омилени”.

Франциска Цехер