1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Застој во слободата на печатот во Македонија

Горан Петрески24 октомври 2006

На најновата ранг листа на организацијата “Репортери без граници“ за слободата на печатот во светот, Македонија сега е на 45-то место. Независните медиумски аналитичари во Македонија проценуваат дека падот од две места значи практично застој во слободата на печатот.

https://p.dw.com/p/AdbZ

Бидејќи веќе подолго време развојот на професионалноста во новинарството стагнира, вели Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиумите, позицијата на Македонија на листата на Репортери без граници е очекувана:

“Огромен број од медиумите се жестоко контролирани од нивните газди, кои што пак се поврзани со политиката, а која своја подлога,пак има во економијата. Пазарот е премал и тие се премногу зависни од политички врзаните бизниси. Значи македонското новинарство ја дели судбината на општеството во кое што се наоѓа. Она што разочарува е новинарската акција. Разочарува тоа што не постои речиси никаква потреба кај новинарите да се борат за својата независност.“

Според Беличанец, причината за падот од две места во однос на слободата на печатот може да се бара и во зголемениот број судски процеси против новинарите во последниот период. Жанета Трајковска од Македонскиот институт за медиуми споменува и други настани кои во изминатата година го нарушиле имиџот на Македонија во оваа сфера.

“Она што може да рефлектира на падот од две места е и фактот дека имавме парламентарни избори. Кога имаме парламентарни избори тогаш навистина медиумите се под будно око на различни видови на набљудувачи, па претпоставувам дека и тие се некои параметри, затоа што на овие парламентарни избори имавме неки недоследни или непрофесионални работи на одредени медиуми.“

И за Трајковска и за Беличанец, падот од две места не е нешто страшно. Со нив се согласува и Роберт Поповски од Здружението на новинари на Македонија. Она што загрижува, согласни се тројцата соговорници на Дојче Веле, е отсуството на развој на новинарството како професија и медиумите како бизнис, и тоа веќе подолго време. Поповски е самокритичен:

“Дефинитивно не успеавме да се ослободиме од политичките притисоци во медиумите што постојат во континуитет овие години. Тоа е особено изразено во електронските медиуми каде што речиси сите сопственици се и лидери на партии или се активни политички на сцената во Македонија. Во печатените медиуми, и покрај влезот на странски капитал, не се заблежува некој голем исчекор и покрај некои елементарни стандарди што беа воведени како обврска на медиумите што се под капата на ВАЦ. Сметам дека нешто драматично не се подобри, или барем директно не се почувствува. “

Падот од две места се случува во година кога од законот е избришана одредбата затвор за клевета и навреда од страна на новинарите и кога е донесен законот за слободен пристап до информации.