1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилен притисокот врз Иран

Jordanovski, Zoran23 јануари 2008

Се подготвува нова резолуција на Советот за безбедност. Согласност е постигната на средбата на министрите за надворешни работи на петте постојани членки на Советот.

https://p.dw.com/p/CwKe
Учесниците на средбата во БерлинФотографија: AP
Франк-Валтер Штајнмаер, домаќин на средбата, единствен од учесниците излезе пред претставниците на медиумите. Клучно за договорената нова резолуција е дека таа ќе биде подржана и од Кина и Русија, кои досега секогаш беа против поостри санкции против Иран во спорот околу неговата атомска програма. Сите учесници на средбата биле согласни во оценката дека нуклеарно вооружување на Иран би имало „драматични последици за Средниот и Блискиот исток, соопшти Франк-Валтер Штајнмаер. „Германија, Франција и Велика Британија ќе поднесат нацрт-резолуција во Советот за безбедност, за која таму ќе се расправа во наредните недели според вообичаената постапка“ - рече Штајнмаер, но не изнесе подробности за најавената резолуција. Според наводи од американски извори, резолуцијата ќе предвиди заострени санкции - поголеми ограничувања за патувања на претставници на иранската влада во странство и натамошно замрзнување на ирански имот. Сите учесници се определиле за двојна стратегија во спорот со Иран. Рускиот министер Сергеј Лавров подоцна изјави дека за сите спорни прашања ќе има директни преговори со Техеран, доколку Иран ги прифати предлозите на шестчлената група. Штајнмаер индиректно навести дека патот до согласност на разговорот во Берлин не бил лесен: „Среќен сум и срдечно им благодарам на сите колеги што по интензивна и не сосем едноставна дискусија се согласивме околу елементите за резолуција на Советот за безбедност“. Во име на сите, германскиот министер му упати апел на Иран да им излезе во пресрет на барањата да ја обелодени својата атомска програма. Никој не сака конфронтација, сите се заинтересирани за мирољубиво решение, рече Штајнмаер и нагласи: „Сега е во рацете на Техеран да бара пат за кооперација и порамнување“. Иран постојано тврди дека атомската програма му служи исклучиво во мирољубиви цели - за добивање електрична енергија. САД и ЕУ се сомневаат во тоа, оти сметаат дека за таа цел Иран не мора сам да врши облагородување на уран, на што таа земја инсистира и што веќе го прави. Облагородениот уран може да послужи и за производство на атомско оружје. Инаку, министерската средба во Берлин официјално означи крај на повеќемесечните германско-кинески иритации и заладување на односите, предизвикани со тоа што канцеларот Ангела Меркел во својот кабинет го прими тибетскиот духовен и световен водач Далај Лама. Кинескиот министер за надворешни работи Јанг Џиечи го нагласи кинескиот интерес за партнерски односи со Германија и го покани колегата по функција Штајнмаер во мај да ја посети Кина. На доаѓањето на Џиачи во Берлин му претходеше размена на дипломатски писма. Марсел Фирстенау ◄