1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заседанието на ММФ во знакот на грчката криза

25 април 2010

Финансиската криза во Грција и регулирањето на финансискиот сектор беа централните теми на пролетното заседание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/N5nZ
Пролетно заседание на ММФ и Светска банкаФотографија: AP

Молбата на Грција за кредит во висина од милијарди беше централната тема на пролетното заседание на ММФ и Светска банка. На прес-конференцијата, директорот на ММФ Доминик Штрос-Кан, за оваа тема сепак не откри многу детали, иако грчкиот министер за финансии во Вашинготн допатува специјално за средба со шефот на ММФ: „Разговарав со грчкиот министер и резултатите ќе бидат познати на крајот на преговорите.“

Шефот на Меѓународниот монетарен фонд остана на овој став и покрај инсистирањето на новинарите да дознаат повеќе детали. Канадскиот министер за финансии Џим Флаерти меѓутоа изненади со вознемирувачка информација. Тој изјави дека некои претставници на Европската унија биле на мислење, дека пакетот од 45 милијарди евра за Грција можеби нема да биде доволен. Поконкретен, сепак не беше ниту Канаѓанецот.

Реформите се одвиваат споро

IWF Frühjahrstagung Washington
ВашингтонФотографија: AP

Но, Атина не е единствената грижа на експерите во Вашингтон. И плановите за опсежна реформа на финансискиот сектор, кои добија зелено светло и од Групата 20 најразвиени и земји во економски подем, споро се реализираат.

Сепак земјите членки на монетарниот фонд во завршната декларација изразија готовност и натаму да работат на ново регулирање на меѓународните финансиски пазари за во иднина да се спречат поголеми финансиски кризи. Зголемен ризик постои од високите државни задолжувања на многу земји, се вели од Вашингтон. „Знаците за зајакнување на конјунктурата охрабруваат, но постојат уште многу проблеми, кои мора да бидат заеднички решени,“ стои во завршната декларација на пролетното заседание на 186-те земји членки на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.

Автор: Ана Енгелке/дв/Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев