1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заразната жолтица се’ поголема закана за Македонија

Свето Тоевски28 јули 2013

Прикриена закана - заразната жолтица се шири низ светот и таа се’ повеќе е закана и за Македонија. Лани во земјата имало вкупно 607 пријавени заболени од сите видови на хепатитис, а во првото полугодие годинава 236.

https://p.dw.com/p/19FLf
Symbolbild Hepatitis B VirusФотографија: Fotolia/alexskopje

Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, во оваа држава бројот на заболени од хепатитиси покажува циклични осцилации, со пораст на бројот на заболени на секои 3 до 5 години. Во последнава деценија вкупниот број на регистрирани случаи на хепатитиси од сите типови  годишно варира од 565 во 2004 година до 1.070 во 2005 година. Во 2012 година, вкупната бројка на пријавени заболени од сите видови на хепатитиси изнесува 607. За првите шест месеци од 2013 година вкупниот број на регистрирани лица заболени од хепатити изнесува 236, во однос на 349 заболени во 2012 година. Намалувањето на бројот на регистрирани хепатити во однос на минатата година изнесува 32,4 проценти. Најголем број на заболени лица пријавени со дијагноза хепатитис се регистрирани во Струмица 55,  Битола 44,  Скопје 36 и Кичево 28.

Вирусната заразна жолтица од типот Б предизвикува и рак на црниот дроб

Проф. д-р Викторија Чаловска-Иванова, шеф на Клиниката за хепатологија и гастроентерологија на Клиничкиот центар во Скопје, коментира за Дојче веле:

19.01.2011 DW-TV fit & gesund Hepatitis_H
Докторите велат дека во македонските центри за хемодијализа воопшто не е занемарлива стапката на инфекција со Ц-вирусот

„Овие бројки ги прикажуваат само новооткриените случаи со вирусен хепатитис и не ја отсликуваат реалната состојба, освен кога станува збор за акутните форми. Вирусите Б и Ц се одговорни за развој на хронични форми на црнодробна болест, а токму хроничните хепатити претставуваат сериозен медицински  и општествен проблем“.

Денеска се одбележува 28-ми јули, светскиот ден за борба против оваа болест, од која годишно во светот умираат по околу еден милион луѓе. Па, така се наметнува прашањето - зошто таа се нарекува уште и „тивок убиец“? Чаловска-Иванова вака одговара на ова прашање:

„Квалификацијата 'тивок убиец' се користи обично за хепатитот Ц, поради неговата особина да предизвикува долготрајна, еволутивна болест, сиромашна со симптоми, но со сериозен исход во значаен процент. Од 80 лица со хроничен хепатит Ц, 20 развиваат цироза на црниот дроб, а 5 карцином на црниот дроб. Вирусите Б и Ц, заедно со алкохолот, се главни предизикувачи на цирозата на црниот дроб во нашата популација. Цирозата е тешко заболување, што завршува со откажување на функцијата на црниот дроб и има смртен исход. Цирозата во својот завршен стадиум единствено се лекува со трансплантација на црниот дроб, што е скапа и сложена хирургиска операција. Цирозата е болест којашто обично се развива во најпродуктивниот период од животот, правејќи инвалиди од претходно работоспособни луѓе, доведувајќи до семејни драми и тажни лични приказни.  Ние на Клиниката за гастроентерохепатологија секојдневно се соочуваме со овие пациенти и нивните семејства. Вирусите Б и Ц на заразната жолтица се силни предизвикувачи на рак. Нивната врска со карциномот на црниот дроб е силна и потврдена. Најголем процент од лицата со карцином на црниот дроб имаат претходна инфекција или со Б, или со Ц-вирусот“.

Hepatitis C
Изглед на хепатитис Ц снимен под микроскопФотографија: Quelle: Aventis Pasteur MSD GmbH

Во Струмица има најмногу заболени од хепатитиси

Примариус д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Секторот за контрола и превенција на заразни болести на Институтот за јавно здравје, се надоврзува, конкретизирајќи во врска со состојбата во Македонија:

„Вирусниот хепатит Б убива повеќе луѓе секој ден отколку СИДА-та во тек на целата годинa! Во првото полугодие од 2013 година во Македонија се регистрирани 117 лица заболени од вирусен хепатитис тип Б, наспрема 107 во истиот период лани. Секоја година и во Македонија се регистрираат сé поголем број на заболени од вирусниот Б хепатитис. Официјално пријавените заболени не се вистинскиот одраз на реалната состојба, бидејќи се проценува дека околу 5 до 7 проценти од вкупното население било или е инфицирано со вирусот на хепатит Б. Вирусниот хепатит тип Б за првите шест месеци од годината е регистриран со бројка од 117 заболени лица, наспрема 107 за истиот период лани. Вирусниот хепатит Ц за истиот период бележи бројка од само 34 пријавени заболени во однос на 120 во ланскиот полугодишен период, но во толкувањето на овие бројки мора да се земе предвид пријавување на позитивно тестираните на хепатитис Ц лица, кои припаѓаат на ризични популациони групи (лица кои инјектираат дроги, лица на хемодијализа и др.), кои се тестираат и се пријавуваат истовремено во различни периоди од годината“.

Во Центарот за јавно здравје во Тетово во 2011, 2012 и 2013 година имало само 21 регистрирани лица заболени од заразна жолтица од типовите А, Б и Ц, но и 51 лице евидентирани како носители на вируси на овие болести, ама без последици по своето здравје, но ризични за околината во која живеат.

„Може да се претпостави дека има и други заболени, кои не се регистрирани. Реалната бројка на случаи на хепатитис во Тетовско е во пораст. Сепак, имаме добар систем на пријавување на случаите на ваквите заболувања, а и државата вложува многу значајни напори во борбата против нив. Почнувајќи од 2004 година наваму веќе секое новородено дете е подложено на задолжително вакцинирање против хепатитис А и Б“, вели Сузана Субашиќ, епидемиолог од овој центар.

Експертите истакнуваат дека е од суштинско значење популаризацијата да има сознанијата за овие болести, пред сè за начинот на нивното ширење, кои се ризични облици на однесување и како тие се откриваат.

EU Gesundheit Piercing Frau p178
Хепатитис се пренесува и преку тетоважи и пирсинзи, нанесени во нестерилни условиФотографија: AP

„Бидејќи се работи за инфекции што се шират преку заразена крв, потребна е многу голема претпазливост при така наречените ’крвави процедури' - тетоважи, дупчење уши, обрежување и др. Неопходна е строга стерилизација на користените инструменти, или секогаш кога ќе биде можно да се ползува прибор за еднократна употреба. Тоа важи и за медицински процедури, особено за стоматолошките интервенции. Од особена важност е едукацијата на младата популација за опасностите што демнат при употреба на дроги дури и при инцидентно користење, што е главниот пат на ширење на вирусните хепатити, особено на хепатитот Ц. Овој вирус е присутен кај 60 до 90 отсто од лицата што инјектираат дроги, поради што проблемот се умножува и добива многу посложени димензии. Не треба да ги заборавиме и центрите за хемодијализа, каде што стапката на инфекција со Ц-вирусот воопшто не е занемарлива. Проблемот е дотолку поголем, бидејќи не постои вакцина против овој вирус“, вели професорката Чаловска-Иванова.