1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Запрено напредувањето на исламистите во Мали

ЖА/дв/дапд/афп12 јануари 2013

Меѓународниот сојуз ги истисна исламистите од градот Кона. Убиен е француски војник во борбите против бунтовниците во Мали. ЕКОВАС донесе одлука за испраќање воени интервентни сили во земјата.

https://p.dw.com/p/17IyA
Фотографија: Habibou Kouyate/AFP/Getty Images

Меѓународниот воен сојуз против исламистичките бунтовници во Мали ги дава првите плодови, но ја плаќа и цената во крв-по воените напади на француските војници, стратешки важниот град Кона повторно е во рацете на владините трупи.

Пилот на француските воздухопловни сили, кои обезбедуваат поддршка на владата на Мали во борбата против исламските милитанти, загина за време на борбена мисија на југот од оваа западноафриканска земја.

Пилотот загинал во петокот вечерта за време на борбена мисија на хеликоптерска ескадрила во близина на градот Кона, кој претходно беше заземен од исламистичките милитанти, но подоцна војската на владата на Мали ја повратила контролата над градот, на околу 600 километри североисточно од главниот град Бамако. Неколку часа по противофанзивата во која учествуваа и војници од Нигерија, Франција официјално соопшти дека ќе интервенира во Мали заради поддршка на владините трупи во борбата против бунтовниците. Претседателот на Мали Диокоунда Траоре ја замолил поранешната колонијална сила за помош.

Mali Demonstration in der Hauptstadt Bamako
Фотографија: HABIBOU KOUYATE/AFP/Getty Images

Францускиот претседател Франсоа Оланд во обраќањето до нацијата потврди дека француските воени сили пружиле поддршка на армијата на Мали во борбите против исламистичките групи кои го контролираат северот на земјата.

„Оваа операција ќе трае колку што е потребно. Франција секогаш дејствува кога станува збор за правото на населението кое сака да живее слободно во демократија“, додаде Оланд.

САД разгледуваат поддршка на француските војници со информации од тајните служби, а како опција се споменува и евентуален ангажман на извиднички летови на беспилотни авиони, изјави владин претставник во Вашингтон.

Западноафриканската економска заедница ЕКОВАС исто така реши итно испраќање трупи во Мали. По интензивните советувања, одлуката е донесена, според заклучокот на Советот за безбедност на ОН од декември, изјави претседателот на Брегот на Слоновата Коска, Аласаане Катара, кој моментно претседава со ЕКОВАС. Оваа организација треба да испрати до околу три илјади војници.

Претседателот на Мали во меѓувреме синоќа прогласи вонредна состојба во целата земја, која засега е временски ограничена на десет дена. Претседателот Траоре го повика народот на „генерално мобилизирање“ во поддршката на армијата во борбата против бунтовниците.

По воениот пуч во Мали во март. исламистите го освоија северниот дел на земјата и прогласија владеење на шаријатското право. Минатите денови тие се‘ повеќе напредуваа во правец на југ.