1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

231009 Deutschland Impfstoffe

26 октомври 2009

Од денеска (26.10.09) започна масовно вакцинирање против свински грип во Германија. Населението е вознемирано поради различните информации што се појавија околу споредните ефекти кај дел од средствата за вакцинирање.

https://p.dw.com/p/KDbQ
Вакцинирање - да или не?

Вакцинирани би требало да бидат прво луѓето кои се вбројуваат во т.н. ризични групи, како и лицата кои работат во безбедносните служби и во здравството. Во дел од германските покраини, меѓутоа можат веднаш да се вакцинираат сите граѓани.

Најмасовно вакцинирање досега

Ова е секако најголемата акција за масовно вакцинирање на населението во германската историја. Според најавите, вакцината против свинскиот грип треба да ја добијат дури 50 милиони лица. Против свинскиот грип досега има три средства што добија дозвола од здравствените власти: целвапан, фосетериа и пандемрикс. Она што ги прави различни е начинот на произведување. За првиот, целвапан, се користат целосно убиени вируси, додека за фосетериа и пандемрикс се употребуваат делови од вируси и затоа во нив има и засилувачи на дејството. Токму овие дополнителни супстанци се она, околу што се подели јавното мнение во земјата. Експертите, имено, се сомневаат дека тие би можеле да имаат и непосакувани дејства на човечкиот организам. Затоа, повеќе од нив како најдобро средство го сметаат целвапан, кој не ги содржи дополнителните супстанци. Токму од овој вид вакцина против свинскиот грип германската влада за свои потреби нарача околу 200.000 дози. Дека не станува збор за вакцина за членовите на владата, се потруди да објасни владиниот портпарол Улрих Вилхелм: „Го користевте терминот владина вакцина. Мислам дека веќе објаснив дека тоа не е владина вакцина. Војниците на германската армија не се владини службеници, полицијата исто така. Членовите на сојузната влада ќе добијат секој поединечно препорака од нивните домашни лекари која вакцина е за нив подобра.“

17.06.2009 DW-TV Fit und gesund Schweinegrippe 3
Ќе донесе ли зимава посилен бран инфекции?

Дури и канцеларката Ангела Меркел порача дека одлуката дали воопшто ќе се вакцинира и со кое средство ќе ја донесе по консултациите со нејзиниот домашен лекар.

Пандемрикс за општа употреба

За општа употреба во секој случај е нарачан препаратот пандемрикс, за кој некои научници тврдат дека би можел да предизвика несакани дејства - во секој случај поголеми од целвапанот. Меѓу причините зошто владата, односно надлежното министерство за здравство се решило за овој препарат е и тоа што за него се користи помало количество материјал од вирусот на свинскиот грип и затоа може побрзо да се произведе поголемо количество. Затоа нема причини населението да се сомнева во вакцината, туку треба масовно да излезе и да ја прими, препорачува портпаролот на Министерството за здравство Клаус Фатер. Тој предупредува дека првиот бран летово мина релативно без проблеми, но есенва се очекува нов, посилен бран на свински грип: „Тогаш треба сите заедно да се молиме овој нов грип да мине без поголеми компликации. Тоа е се’ што имам да кажам!“

Автор: Бетина Маркс / ап/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска