1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Запалени и албански знамиња – за Ахмети знамињата не се провокација

АМ/макфакс24 ноември 2012

Непознат сторител околу час и половина по полноќ на автопатот Тетово-Гостивар, кај надвозникот за селото Горно Седларце, запалил три знамиња на Република Албанија. Лидерот на ДУИ смирува дека знамињата не се провокација.

https://p.dw.com/p/16pHx
Фотографија: AP

Запалените албански знамиња биле поставени на надвозникот од жителите на селото. Полицијата извршила увид на местото на настанот и презема мерки за откривање на сторителот.

Рано утрово, пак, околу пет часот во Тетово било симнато и албанското знаме поставено на предниот дел од Домот на културата. Додека двајца полициски службеници го обезбедувале Домот на културата, забележале непознато лице како излегува од објектот. Лицето на дадена наредба да застане се дало во бегство, а при обид да го приведат, непознатиот со нож му нанел расекотина на прст на еден од полицајците, по што се дал во бегство. Тетовската полиција соопшти дека презема мерки за откривање на сторителот и целосно расчистување на случајот.

Ахмети убедува дека знамињата не го загрозуваат интегритетот на Македонија

Ali Ahmeti, Mazedonien
Али АхметиФотографија: Petar Stojanovski

Прославата на стогодишнината од албанското знаме и основањето на албанската држава не е провокација, а знамињата кои се национален симбол на Албанците, а не знаме на странска држава, се само составен дел од таа прослава, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети во вчерашното интервју за македонската телевизијата 24 Вести.

Историјата на овие простори, вели Ахмети, им нанела многу болка и на Албанците и на Македонците и затоа треба разбирање за спецификите и различностите на секоја заедница и меѓусебна почит. Изјавата при кревањето на шестметарското знаме во кичевско, дека Албанците нема да дозволат никоја непријателска рака да го симне, Ахмети вели дека била инспирирана од минатото и се однесувала на она што се случувало за време на балканските војни, и не била провокација или закана кон никого денес.

„Ова не се први за да се закануваме или да се докажуваме. Ние не се закануваме. Овие активности не го загрозуваат територијалниот интегритет на оваа наша заедничка држава. Јас сакам да бидам многу отворен со моите сограѓани Македонци. Али Ахмети нема две лица – претпладне да зборува едно со Албанците и да биде патриот, попладне да зборува друго со Македонците и да се претставува како умерен“, изјави Ахмети за телевизијата 24 Вести.

Parlamentswahlen in Mazedonien
Прославата за албанското знаме, според Ахмети, не е провокацијаФотографија: picture-alliance / dpa

Според него, партија ДУИ е единствената партија во албанскиот блок која и со конкретни дела покажала дека е за соживот и заедништво.

„Повелете, најдете ми друга политичка партија. Сите се повикуваат на патриотизам, сите се повикуваат на државата и ги сакаат платите и бенефициите од државата. Но, државното знаме ниту една партија на Албанците не го користи. Јас тоа го правам. И го правам со најголема одговорност, со почит кон државата, почит кон заедницата“, рече Ахмети.